Утрински Весник
Македонија

Левица: МВР на Тошковски се обиде да ги евидентира заканите на градоначалник кон советничка како поплака, ќе бараме внатрешна контрола

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

„Ќе ти се десат Оки и Жила” не беше реченица изговорена во празен простор од страна на градоначалникот на Гази Баба од ДПМНЕ, Бобан Стефковски. Таа дојде по шестчасовна седница во која советничката од Левица, Маја Никодиновска, упорно поставуваше прашања од суштински значења, реагираше на скандалозни одлуки и отвораше теми за одлуки и практики на општинската власт за кои јавноста допрва ќе ја информираме. По часови во кои не успеа да ја замолчи политички, градоначалникот Бобан Стефковски го загуби трпението и посегна по речник и мафијашки методи, односно ја предупреди да внимава што зборува за да не ѝ се случи судбината на двајца ликвидирани луѓе. Изјавата е снимена и јавно објавена.


Случајот е пријавен во МВР и е поднесена кривична пријава против Стефковски. Но, за Никодиновска голготата не заврши со заканата. При обидот настанот да го пријави во ПСОН Гази Баба, наместо една жена која штотуку добила ваква порака да биде сослушана професионално, достоинствено и со сета сериозност што ја налага случајот, таа била изложена на дополнително исцрпување и спор околу начинот на заведување на настанот, односно, заканата за ликвидација инсистирале да ја заведат како прекршок и поплака, наместо со пријава и како кривично дело. Правниот тим на Левица ги документира сите наводи за непрофесионално постапување при пријавувањето и ќе поднесе соодветен поднесок до Одделот за внатрешна контрола при МВР. Ова прашање е и многу поголемо од една советничка – секоја жена што собира храброст да пријави закана или насилство мора да знае дека зад вратата на полициската станица ќе најде институција, а не уште една пречка.

Додека МВР без пријава од Мицкоски постапува за коментар објавен на социјалните мрежи, пријави од жени кои не доаѓаат од неговата партија МВР не сака ни да ги евидентира како кривична пријава. Ова ли е еднаква заштита на граѓаните пред институциите? За коментар на социјалните мрежи има експресна институционална реакција без пријава од премиерот, а за сериозна пријава за закана кон жена од висок функционер има обиди таа да се третира како обична поплака. Кога станува збор за премиерот, МВР реагира веднаш, а кога жена која не е од нивната партија бара заштита, органите на прогонот се обидуваат да го заташкаат случајот и да ги заштитат вмровските насилници.

Врвот на одвратноста следуваше потоа. Наместо недвосмислена осуда на речникот употребен кон Никодиновска, функционери, партиски гласноговорници на ДПМНЕ и нивната бочна-машинерија се впуштија во валкана операција навреди, инсинуации и ноторни лаги за нејзиниот приватен живот и достоинство. Односно, кога не можат да ја оправдаат двапати изговорената реченица со закана, се обидоа на вмровски примитивен и со апсолутни невистини да ја оцрнат личноста кон која беше упатена заканата. Тоа е пример за секундарна виктимизација и еден од најмизерните облици на политичко насилство врз жените: прво да ја изложиш на закана, а потоа да мобилизираш партиска машинерија која ќе ѝ го претресува приватниот живот, ќе фабрикува приказни и ќе ја понижува пред јавноста, сè додека жртвата не стане обвинета, а одговорноста на Стефковски не исчезне во калта што неговите поддржувачи ја фрлаат врз неа. И ваквите брутални клевети кон советничката, правниот тим на Левица ги евидентира и подготвува соодветни поднесоци.

Маја Никодиновска е советничка, мајка и жена на која никој нема право да ѝ ја сугерира судбината на ликвидирани луѓе затоа што поставува прашања што некому му се непријатни. Политичката функција не дава право на заканување, а партиската книшка не смее да е имунитет од одговорност.

Стефковски и ДПМНЕ мора да престанат да глеедаат мафијашки филмови и да си ја челичат машкоста со агресија и силеџиство врз жени. Сепак, мора се потсетат дека би требало да раководат со институции, а не со подземјето.

Можете да прочитате

МВР поднесе кривична пријава против 21 лице за недозволена трговија со дрога и економски криминал

Левица поднесе интерпелација за министерката Божиновска

Скопјанец бил казнет за сообраќаен прекршок па телефонски му се заканувал на полицаецот