Утрински Весник
Македонија

Судот го осудил Јакимовски, а не било утврдено каков е објектот – Врховен ги укина пресудите

Stevco J.jpg

Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот кривичен суд Скопје и Апелациониот суд Скопје против поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, оценувајќи дека во постапката не било јасно утврдено каков е правниот статус на објектот за кој тој беше осуден за „бесправно градење“.

Предметот е вратен на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд.


Одлуката ја донел Советот за казниви дела при Врховниот суд на седница одржана на 9 септември 2026 година, откако било уважено барањето на Јакимовски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено преку неговиот бранител, адвокатот Виктор Цветковски.

Според образложението на Врховниот суд, пониските судови не утврдиле доволно јасно дали административниот објект на локалната самоуправа е траен објект за кој било потребно одобрение за градење или станува збор за времен, односно монтажен објект, како што тврдел Јакимовски во својата одбрана.

Ова прашање е од суштинско значење за утврдување дали во конкретниот случај се исполнети сите елементи на кривичното дело „Бесправно градење“ од член 244-а став 1 од Кривичниот законик.

Врховниот суд во образложението наведува дека од правосилната одлука не може прецизно да се утврди за каков објект станува збор, а образложението на пониските судови го оценува како контрадикторно во однос на фактичката состојба.

Судот го зел предвид и фактот дека Општина Карпош немала Годишна програма за поставување времени објекти согласно Законот за градење, но оценил дека и ова прашање треба да се разгледува во контекст на останатите законски одредби.

Според Врховниот суд, во повторената постапка треба јасно да се утврдат типот и правниот статус на објектот, неговите градежно-технички карактеристики, употребените материјали и неговата намена.

Токму врз основа на тие факти треба да се утврди дали станува збор за траен објект за кој било потребно одобрение за градење или за времен објект за кој важи поинаква постапка.

Врховниот суд заклучил дека, бидејќи пониските судови не го утврдиле типот и категоризацијата на објектот и дали за него било потребно одобрение за градба, не било со сигурност утврдено постоењето на сите битни елементи на кривичното дело кое му било ставено на товар на Јакимовски.

Забелешка е упатена и кон Апелациониот суд Скопје, кој при одлучувањето по жалбата не ги отстранил утврдените недостатоци на првостепената пресуда.

Поради тоа, Врховниот суд ги укина пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 23 април 2025 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје од 15 мај 2026 година и го врати предметот на повторно постапување.

Станува збор за предмет поврзан со две бараки на улицата „Радика“ бр. 9 во Карпош, за кои Јакимовски тврдеше дека претставуваат помошни монтажни административни објекти на локалната самоуправа.

Јакимовски со правосилната пресуда беше осуден на една година затвор за бесправно градење. Со одлуката на Врховниот суд таа пресуда е укината, но предметот не е завршен – првостепениот суд повторно ќе треба да ги разгледа спорните прашања и да донесе нова одлука.

Можете да прочитате

Средба Мицкоски-Селф во Вашингтон: Разговори за зајакнување на партнерството со САД

Левица: Кого прави будала Јаневска? Каде во листите за студентски домови се објавени бодовите како што наложува Правилникот?!

Генералот Лафчиски учествуваше на 29. Конференција на началниците на Генералштабови од А-5 во Задар