
Вработен во Царинската управа, кој ја извршува функцијата заменик-директор на Секторот за администрација, е уапсен под сомнение дека побарал мито од над 15.000 евра во врска со тендерска постапка во институцијата.
Според информациите, станува збор за Џ.И., а во акцијата биле вклучени полициски службеници од Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност.
Во рамки на постапката биле обезбедени обележани парични средства, кои му биле предадени на осомничениот.
Драмата започнала веднаш по преземањето на парите. Кога полициските службеници се обиделе да интервенираат, Џ.И. не застанал на нивните наредби и се дал во бегство.
По преземени мерки и активности, полицијата успеала да го пронајде и фати, по што бил лишен од слобода.

Случајот се однесува на сомнение за барање мито од над 15.000 евра поврзано со тендер во Царинската управа, а повеќе детали се очекуваат по целосното документирање на случајот и постапувањето на надлежните институции.


