Утрински Весник
Македонија

Ристоска: Ваквата пресуда за „Талир 2“ може да доведе до легализирање на политичката корупција

130746400 1880857945398259 2046993274470638346 n.jpg

Поранешната обвинителка Ленче Ристоска остро реагира на образложението на ослободителната пресуда во предметот „Талир 2“, оценувајќи дека одлуката на Апелациониот суд во Скопје не е резултат на недостиг на докази, туку на толкување кое, според неа, нема правна поткрепа во законите.

„Заклучокот што можам да го изведам е дека ослободителната пресуда не е донесена поради недостиг на докази, туку поради толкување на судот кое не наоѓа правна поткрепа во законите“, напиша Ристоска на Фејсбук.


Таа потсетува дека „Талир 2“ се однесува на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ и односот со градежната компанија „Бетон“. Според нејзиното објаснување, партијата пренела околу 800 квадратни метри градежно неизградено земјиште, а за возврат добила изградба на седиштето и паричен износ, во вкупна вредност од околу девет милиони евра.

Ристоска наведува дека со вештачење било утврдено оти земјиштето во 2013 година вредело околу 800.000 евра, односно дека неговата пазарна вредност била надмината десеткратно. Според неа, разликата во смисла на Законот за финансирање на политичките партии има третман на донација.

Таа посочува и дека во периодот за кој се однесува предметот, „Бетон“ интензивно добивал тендери од државата, а парите добиени од државни институции претставувале околу 75 проценти од годишните приходи на компанијата.

„Компанија во која над 75% од вкупниот приход доаѓа од државата не е слободен донатор. Нејзиното работење зависи од државата“, наведува Ристоска.

Според поранешната обвинителка, Апелациониот суд не го спори фактот дека „Бетон“ добивал државни пари, ниту дека го изградил партиското седиште и исплатил пари на ВМРО-ДПМНЕ. Спорно, како што објаснува таа, е толкувањето на терминот „јавна услуга“.

Ристоска смета дека судот со своето толкување го стеснува значењето на законската одредба и ја занемарува суштината на ограничувањата за финансирање политички партии од компании кои добиваат буџетски средства.

Таа предупредува дека ваквата судска практика може да има далекусежни последици во борбата против високата и политичката корупција.

„Доколку аргументацијата на Апелациониот суд се прифати како правен стандард, би се довеле до апсурдна состојба на легализирање на политичката корупција“, предупредува Ристоска.

Според неа, тоа би значело дека компанија која добива државни тендери би можела дел од профитот потоа да го пренесе на политичка партија како донација, а таквото постапување да остане неказниво поради воспоставена судска практика.

Ристоска заклучува дека ваквото толкување сериозно ја нарушува суштината на Законот за финансирање на политичките партии и го прави неупотреблив токму во една од неговите најчувствителни области – финансирањето партии од претпријатија кои добиваат буџетски средства.

Можете да прочитате

Побарал над 15.000 евра, зел обележани пари и бегал – уапсен директор на Царина

Клековски: 193 нови лекови на Есенцијалната листа – за првпат контрацепција и терапија за откажување од пушење

Митева: Ниту денар од Буџетот за прославата – 300 милиони денари обезбеди Лотарија