
Со свечена седница, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска одбележа 80 години од своето формирање, истакнувајќи го јубилејот како значаен момент во историјата на македонското синдикално движење.
Како најсилен, најброен и најрепрезентативен синдикат во државата, бeше посочено, ССМ осум децении наназад ги застапува правата и интересите на работниците, учествувајќи во креирањето на работничките политики и во унапредувањето на социјалниот дијалог.
На свечената седница присуствуваа актуелното раководство на ССМ, претставници на гранските синдикати, поранешни претседатели на Сојузот на синдикати, членови, поддржувачи и гости, кои се осврнаа на развојот на синдикалното организирање во земјата и на предизвиците со кои се соочуваат работниците денес.
Во обраќањето пред присутните, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, се осврна на значењето на јубилејот, на постигнувањата на синдикатот во изминатите децении и на заложбите за подобрување на работничките права и животниот стандард. Потсети на пораката што стои во архивските записи од Првиот конгрес во 1946 година.
-Работникот мора да има свој организиран глас, за да ја брани социјалната правдата и достоинството – порача Трендафилов.
На седницата беше истакнато дека историјата на ССМ е нераскинливо поврзана со борбата за достоинствена работа, повисоки плати, безбедни услови за работа и почитување на работничките права.
Од ССМ порачаа дека јубилејот е можност да се оддаде признание на генерациите синдикалци кои придонеле за развојот на организацијата, но и поттик за продолжување на синдикалната борба во интерес на работниците и во наредниот период.


