
Пишува: Проф. д-р Иван Анастасовски
Македонија денес се наоѓа пред едно суштинско политичко прашање дали е можно да се формира Влада со ограничен политички хоризонт, односно само еден мандат чија примарна задача ќе биде завршување на европскиот пат на државата? Одговорот во принцип би бил да, можно е. Но, тоа би барало нешто што досега ретко сме го виделе во македонската политика политичките партии европската интеграција да ја постават над партискиот интерес.
Таквата Влада не би требало да биде Влада „за Европа“ само декларативно, туку Влада со јасно дефинирана мисија, рокови и мерливи резултати. Нејзиниот успех не би се мерел според бројот на политички функции, партиски вработувања или дневнополитички конфликти, туку според тоа колку институциите се реформирани, колку се зајакнати владеењето на правото и независноста на институциите и, пред се, дали Македонија го направила конечниот чекор кон членството во Европската Унија.
Влада со мандат, а не со трајна политичка амбиција по примерот на Владата на Симеон Саксобург(г)отски во Бурагија кој владееше од 24 Јули 2001 до 16 август 2005 година. Затоа на Македонија можеби и е потребен поинаков политички договор во насока на тоа да имаме Влада со еден мандат и со една историска задача. Сепак, да бидам јасен тоа не би значело откажување од демократијата, ниту создавање техничка или експертска Влада без политички легитимитет.
Напротив, станува збор за политичка Влада која однапред ќе преземе обврска дека европската интеграција, институционалните реформи и создавањето функционална држава ќе бидат нејзините највисоки приоритети.
Таквата Влада би можела да има јасна програмска рамка во неколку точки и тоа:
Исполнување на европските критериуми;
Борба против корупцијата и клиентелизмот;
Професионализација на јавната администрација;
Зајакнување на независноста на институциите;
Подобрување на економската конкурентност;
Градење политичка култура на дијалог;
Затворање на преговарачките поглавја во најкраток реално возможен рок.
Една од најголемите слабости на македонската политика е тенденцијата секоја стратешка тема да се претвори во партиска пресметка. Европската интеграција не смее да биде сопственост ниту на една политичка партија, ниту на една Влада.
Европската Унија не е проект на една партија. Таа е стратешки избор на државата.
Затоа, ако се создава Влада со историска задача да го заврши европскиот пат, неопходно е да постои поширок политички консензус. Опозицијата не треба да биде исклучена од процесот, туку да биде дел од националниот договор за европската интеграција, исто така и албанските политички партии треба да бидат инволвирани во таков политички проект. Тоа би значело дека околу прашањата од витално значење за европскиот процес треба да постои минимален заеднички интерес што е добро за Македонија да се направи денес, а не што е добро за партијата на следните избори.
Еден мандат како историска одговорност или еден четиригодишен мандат може да биде доволен за значителен напредок доколку државата има јасна стратегија, политичка стабилност и професионални институции.
Но, потребна е и политичка храброст, мое мислење е дека нашите политичари мора да прифатат дека европскиот пат бара компромиси, реформи и промени кои понекогаш нема да носат непосредни политички поени. Вистинското лидерство не е само да се добијат избори, туку да се создадат услови следните генерации да живеат во подобра, поуредена и европска држава.
Затоа една Влада може да си постави историска цел како на пример: имаме еден мандат за да ја подготвиме Македонија за членство во Европската Унија, а не четири години за меѓусебно политичко надмудрување.“
Што би значело тоа во пракса?
За ваквата идеја да не остане политички слоган, потребен е Европски договор за еден мандат. Во него би можеле да учествуваат власта, опозицијата, претседателот, Собранието, бизнис-заедницата, академската заедница и граѓанското општество.
Секако, времетраењето на целиот процес не зависи само од Скопје. Европската интеграција е двостран процес и зависи и од одлуките на Европската Унија и нејзините членки. Но, Македонија мора да направи се што е во нејзина моќ за никогаш повеќе да не биде сопствена пречка на сопствениот европски пат.
На крајот, прашањето не е кој ќе владее, најважното прашање можеби не е која партија ќе ја има Владата, туку каква држава ќе остане по нејзиниот мандат.
Ако една Влада успее да остави зад себе независни институции, функционално судство, професионална администрација, помалку корупција, посилна економија и завршен европски процес, тогаш нејзиниот политички мандат ќе има историска вредност.


