Утрински Весник
Македонија

Македонците меѓу најголемите „муабетчии“ во Европа со ChatGPT

Screenshot 2026 09 28 130635.jpg

Македонците сè почесто го користат ChatGPT како алатка за практични совети, учење, решавање секојдневни проблеми и неформален разговор, додека неговата употреба за професионални цели е значително помала, покажува анализа на Институт Демократика.

Според анализата, само 18,1 отсто од пораките испратени до ChatGPT од Македонија се поврзани со работа, додека речиси 40 отсто се однесуваат на практични совети и насоки – како нешто да се направи, помош при учење, решавање проблеми, како и прашања поврзани со здравје, фитнес и лична грижа.


Особено интересно е што Македонија се издвојува во Европа според користењето на ChatGPT за неформален разговор и лично изразување. Кај пораките што не се поврзани со работа, македонските корисници почесто од корисниците во другите споредени европски земји го користат четботот за разговор, лични размислувања и секојдневна интеракција.

Во јуни Македонија била единствената од споредените земји каде разговорот и личното изразување биле почести од директното поставување прашања. Според тематската поделба на разговорите, земјава е трета во Европа по уделот на самоизразувањето, додека меѓу балканските земји пред Македонија е Србија.

Сосема поинаква е сликата кога станува збор за професионалната употреба. Македонија е меѓу европските земји со најмал удел на разговори поврзани со работа. Понизок удел имаат само Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Дополнително, професионалната употреба бележи пад. Во првата половина од 2025 година речиси 29 отсто од пораките биле поврзани со работа, додека една година подоцна нивниот удел паднал под 20 проценти.

Од друга страна, брзо расте барањето практични совети. Пред една година тие претставувале помалку од една третина од сите пораки, а сега се приближуваат до 40 отсто. Само Романија има поголем удел на вакви барања.

Интересен е и податокот дека македонските корисници релативно ретко му поставуваат на ChatGPT директни барања за информации. Во јуни само 16,4 отсто од пораките биле класифицирани како директно барање информација, со што Македонија била последна меѓу 36 анализирани европски земји.

Тоа, сепак, не значи дека корисниците не бараат знаење. Прашањата поврзани со учење, совети и решавање проблеми се сместуваат во посебна категорија на практични насоки.

Под европскиот просек е и користењето на ChatGPT за пишување, преведување, резимирање и уредување текстови.

Одделни податоци на Евростат, пак, покажуваат дека генеративна вештачка интелигенција користи нешто повеќе од една петтина од населението во Македонија на возраст од 16 до 74 години. Во Грција уделот е речиси двојно поголем, а пред Македонија се и Словенија, Хрватска, Албанија и Бугарија.

Анализата на Институт Демократика се базира на OpenAI Signals v2.0 и опфаќа примерок од 300.000 пораки месечно во периодот од јули 2024 до јуни 2026 година.

Важно е дека податоците се однесуваат на пораки, а не на број на корисници. Исто така, статистиката на OpenAI Signals не ја опфаќа целата професионална употреба, бидејќи не ги вклучува Enterprise и Codex.

Резултатите сепак покажуваат интересна слика за начинот на кој вештачката интелигенција влегува во секојдневието во Македонија ChatGPT засега повеќе се користи како советник, помошник за секојдневни проблеми и соговорник, отколку како класична професионална алатка.

Можете да прочитате

Почина уште еден пациент од западнонилска треска, бројот на жртви се искачи на 10

Уапсени 13 возачи за „безобѕирно управување возило“, осуммина возеле без положен возачки испит

ДОМ: Што се случува околу „жешките точки” во ОХИС додека санацијата сè уште не е завршена?