Утрински Весник
Економија

СДСМ: Стандардот на граѓаните опаѓа –  Мицкоски и ВМРО-OКГ немаат економски резултати

Marketprazen.jpg

Соопштение за јавност на СДСМ:

Оваа Влада на Мицкоски од почеток во 2024 година се занимава само со пропаганда. 

Без ниту еден реален резултат на полето на економијата и европските интеграции – двете основни теми во нивните предизборни ветувања. 

Единственото во што се успешни е криминалот и корупцијата.

Зошто Мицкоски постојано во медиумите ја споредува економијата со 2022 година?

Затоа што во 2022 година беше пикот на енергетската криза, кога инфлацијата кај нас достигна рекордни 19,8 % ама и во целиот свет. 

Кога денешната состојба ја споредуваш со најлошиот можен период во поновата економска историја, секој резултат изгледа како „огромен успех”.

Реалните податоци на Државниот завод за статистика за јули 2026 година покажуваат сериозен пораст на цените, транспортот и кај угостителските услуги. 

Овие поскапувања директно го јадат буџетот на граѓаните и ги зголемуваат трошоците за основните прехранбени производи. 

Анализата базирана на податоци од Државниот завод за статистика и Народната банка покажува дека куповната моќ на денарот од 2022 година до денес е намалена за околу 30% кај основните производи. 

Она што во 2022 година можеше да се купи за 1.000 денари, денес чини 1.300 денари.

Изјавите за „намалена инфлација”, објавите на статистики и графиконите што Мицкоски ги црта на табла се наменети исклучиво за пропагандни цели. 

Ниту еден збор, ниту графикон, не може да го убеди граѓанинот дека живее подобро – народот чувствува и живее многу полошо. 

Кумулативниот ефект е јасен: цените се заглавени на високо ниво. Ако еден производ во 2022 година поскапел за 16 %, а во 2026 година поскапел за дополнителни 2,3 %, граѓаните денес го плаќаат значително поскапо отколку пред кризата.

Инфлацијата паѓа на хартија, но цените сè поскапени, и се уште растат. Падот од 16 % на 2,3 % значи само дека цените продолжуваат да растат, но со побавно темпо. 

За да поевтинат производите во маркетите, стапката на инфлација би морала да биде во минус (дефлација). Се додека бројката е позитивна – цените одат нагоре.

Намалената инфлација во моментов не значи олеснување на животот, туку само стагнација на веќе паднатиот стандард.

Заради својата неспособност и политика на криминални тендери, оваа Влада за само две години ја задолжи Македонија со повеќе од 2,5 милијарди евра. И тоа не во време на криза, кризата со нафтените деривати дојде многу подоцна.

Посебно треба да се напомене дека Орбановиот кредит од 1 милијарда евра (кинески пари) е заем што е под истрага во Унгарија. 

Покрај тоа што земја кандидатка за членство во ЕУ зема кинески пари, во истрагата ќе бидат посебно разгледувани каматните стапки и сомнежите за исплатени провизии.

Владата не усвои ниту една единствена мерка што ја предложи СДСМ во кризата, а со која ќе се заштити животниот стандард. 

Денес Владата предводена од Мицкоски продолжува со задолжувања секоја недела. 

Речиси не поминува недела без нов кредит.

Пензискиот фонд е загрозен, тоа го констатираше и ММФ. 

Вториот пензиски столб е под знак прашалник, со реална опасност од национализација на парите што граѓаните ги уплаќале како дополнителна сигурност.

Не е потребна никаква статистика за граѓаните да видат како живеат. Доволно е да погледнат во своите фрижидери и паричници. Сè е празно. Нема графикон што ќе им објасни дека живеат добро и дека сме трета економија во Европа.

Статистиката, лажните вести и Гебелсовата пропаганда не полнат стомаци.

Единствениот пат на Македонија е патот кон Европската Унија, отворање на нов пазар од над 450 милиони жители, претпристапни фондови, грантови и бесповратни средства. Европа нема алтернатива.

Изолацијата што ја спроведува ВМРО-ОКГ и Мицкоски заради своите лични интереси носи богатство и сигурност само за нив.

Можете да прочитате

Мицкоски: Постигнат е договор и откупот на пиперката тече според очекувањата

Три нови инвестиции оваа есен, најавува Мицкоски

Димитриеска-Кочоска: Поддршката на домашните компании преку унгарскиот заем е инвестиција во економскиот раст