
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека очекува да се изнајде решение за што е можно побрзо носење на пакетот три закони за високо образование (за високо образование, за научно-истражувачка дејност и за квалитет во високото образование), кои се во собраниска процедура и, рече, блокирани преку алатката „Бадентер“.
Како што рече, со задоволство прифаќа да дискутира на уште една јавна расправа во Собранието за да се усвојат законите порачувајќи дека „секој изгубен ден е изгубен ден за младите луѓе во оваа држава“.
На прес-конференција денеска таа рече овие три закони воопшто не влегуваат во проблем што ја регулира правичната застапеност.
-Да, за носење закони за образование треба „Бадентер“, она што е постоечко и тој е како алатка за заштита на правата, на пример за заштита на учењето на мајчин јазик. Овие три закони воопшто не влегуваат во таков некаков проблем. Овде зборуваме за мериторни елементи, за организација на високото образование, за квалитетот на професорите, за повеќе практична работа при студиите. Значи, некои елементи кои мора да ги има државата ако сакаме да имаме одржливо високо образование и квалитетен кадар и луѓе кои во иднина треба да ја водат и чуваат оваа држава, одговори Јаневска на новинарско прашање на прес-конференција на која беа соопштени резултатите од државната матура.
Како што рече, општо е познато дека алатката „Бадентер“ била злоупотребувана во минатото, а дека Владата сака да направи подобар закон за правична застапеност, додавајќи дека лично таа се залага да бидат максимално заштитени правата на помалите заедници во државата.
-Законот помина долготрајна и многу транспарентна постапка во која работната група на Министерството прифати многу, многу забелешки на академската заедница. Секогаш ќе има еден помал дел кој ќе биде незадоволен од нешто, но мноштвото од академската заедница го прифати законот таков каков што е. Немаме ништо против во Собранието и натаму многу да дискутираме, но треба да почнеме да дискутираме. Многу да дискутираме за секој член поединечно, со тоа што Владата има право на своја владина политика. Она што законите го бараат не е на штета на никого, туку е во корист на младите луѓе и во корист на наставниот кадар. Ако „Бадентерот“ го користиме како алатка за постигнување политички решенија, сметам дека не е во ред и тоа баш преку образование, не таму каде што треба, истакна Јаневска.



