
Полицијата го расветли случајот со насилството во Гостивар, откако по објавувањето на видео-снимка на социјалните мрежи беа преземени интензивни мерки и активности за идентификување на учесниците во инцидентот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 2 август 2026 година во 22:20 часот, во ОВР Гостивар, 22-годишниот А.В. од Гостивар пријавил дека истиот ден, околу 02:30 часот, на улицата „Борче Јованоски“ во Гостивар, тој и неговиот пријател Л.Е. биле физички нападнати од три непознати машки лица. Според пријавата, напаѓачите употребиле тврди и дрвени предмети.
За настанот веднаш бил известен дежурен јавен обвинител, а по негови насоки и во координација со надлежниот обвинител, полициските службеници од ОВР Гостивар ги презеле сите потребни дејствија и ги идентификувале тројцата учесници во насилниот настан.
Во полициска станица на службен разговор биле повикани двајца малолетници од Гостивар, на кои, по наредба на јавен обвинител, им биле одземени патните исправи. Третото осомничено лице е В.Д. (20) од Скопје, за кого е испратена телеграма до СВР Скопје за понатамошно постапување.
Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случајот, во текот на утрешниот ден, по брза постапка, против осомничените ќе биде поднесен соодветен поднесок и тие ќе бидат изведени пред надлежен судија на претходна постапка.



