Утрински Весник
Македонија

Цените на становите уриваат рекорди: Квадрат во Центар достигна 3.360 евра

Whatsapp image 2025 05 28 at 10.54.16.jpeg

Пазарот на недвижности во Македонија продолжува со засилена активност, а вториот квартал од 2026 година донесе раст и на бројот на трансакции и на вкупната вредност на продадените недвижности. Цените на становите во најатрактивните локации достигнуваат над 3.000 евра за квадратен метар, при што највисоката регистрирана цена за нов стан изнесува 3.360 евра за квадрат.

Според податоците од Регистарот на цени и закупнини за периодот од април до јуни, најскапиот стан продаден директно од инвеститор се наоѓа во Општина Центар. Станот со површина од 50 квадратни метри бил продаден за 168.000 евра, односно по цена од 206.640 денари или околу 3.360 евра за квадратен метар.

Високи цени се регистрирани и кај староградбата. Најскапиот квадрат во оваа категорија е забележан во Охрид, каде стан од 66 квадратни метри бил продаден за 211.200 евра. Тоа значи дека купувачот платил околу 3.200 евра за квадратен метар.

Податоците покажуваат дека во вториот квартал од годинава биле евидентирани вкупно 8.369 трансакции со недвижности, што е раст од 7,9 проценти во однос на првите три месеци од 2026 година. Уште поголем е растот на финансиската вредност на пазарот, која достигнала 351,7 милиони евра, односно 27,3 проценти повеќе во споредба со првиот квартал.

Зголемена активност има и кај новоградбата. Во периодот април – јуни биле регистрирани 977 продажби од инвеститори, од кои 943 се станови, а 34 куќи. Бројот на продадени нови станови е зголемен за 32 проценти, односно за 231 стан во споредба со претходниот квартал.

Истовремено, податоците на Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека досега се запишани 28.352 листови за предбележување на градба. Ова укажува дека голем број објекти се во изградба и во следниот период дополнително може да ја зголемат понудата на пазарот.

Во споредба со првиот квартал, вкупниот број продадени станови е зголемен за 37 проценти, додека нивната финансиска вредност пораснала за 43 проценти. Раст има и кај продажбата на куќи, земјоделско земјиште, шуми, индустриски објекти и гаражи.

Најголем број станови биле продадени во Општина Аеродром – вкупно 297. Кај куќите предничи Општина Битола со 64 продажби. Најмногу трансакции со деловни простори се регистрирани во Општина Центар, додека Куманово е на врвот според трансакциите со земјоделско и градежно земјиште.

Вкупно, во периодот од 1 април до 30 јуни 2026 година биле продадени недвижности со површина од над 7,8 милиони квадратни метри, а остварената вредност изнесувала 21,55 милијарди денари.

Можете да прочитате

Владата прогласи кризна состојба на целата територија поради пожарите

По повеќе од две децении – Клиничката болница Битола добива нова современа опрема

Тошковски: 496 нови полициски службеници ја засилија македонската полиција – инвестициите во реформите и обуката создаваат професионални чувари на безбедноста