
Општина Аеродром ги поканува граѓаните да присуствуваат на свеченото испраќање на учесниците на 48. Традиционален Илинденски коњички марш, што ќе се одржи во пресрет на одбележувањето на големиот државен празник – 2 Август, Илинден во организација на Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978“.
На 27 јули (понеделник), со почеток во 18:00 часот, од дворот на црквата „Св. Петар и Павле“ во Горно Лисиче, околу 40 коњаници, меѓу кои и пет девојки, ќе тргнат кон Крушево, продолжувајќи ја речиси петдецениската традиција посветена на чествувањето на Илинден и на македонските херои.
На 31 јули, коњаниците од Горно Лисиче ќе се обединат со учесниците од Свети Николе, Кичево и Битола, испраќајќи силна порака за единство, почитување на традицијата и зачувување на македонското историско наследство.
Општина Аеродром упатува покана до сите граѓани да бидат дел од свеченото испраќање и заедно да им оддадеме почит на илинденците, чија жртва и идеали и денес претставуваат симбол на слободата, единството и државноста на Македонија.



