
Министерот за здравство во заминување Азир Алиу оцени дека во изминатите 13 месеци во здравствениот сектор се реализирани значајни проекти и се поставени темелите на клучни реформи. Тој информираше дека во законодавна процедура се наоѓаат 15 закони, од кои дел веќе се усвоени, додека останатите се во напредна фаза, со што, според него, се зацврстува законската рамка во здравството.
Алиу истакна дека дигитализацијата веќе е интегрирана во здравствениот систем и ќе продолжи со засилен интензитет. Потсети дека државата е приклучена кон европската програма „ЕУ4Здравје“, која покрај финансиска поддршка носи и европски стандарди и експертиза во управувањето со здравствените податоци.
Како една од недовршените обврски, тој го посочи неповрзувањето на здравствениот систем со финансискиот сегмент. Според него, граѓаните треба да имаат можност сами да изберат дали здравствената услуга ќе ја добијат во јавна или приватна здравствена установа, бидејќи средствата во здравствениот фонд се обезбедуваат од нивните придонеси. Таквиот модел, оцени Алиу, ќе овозможи побрзи и поефикасни услуги.
Осврнувајќи се на Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи, Алиу рече дека станува збор за еден од најзначајните закони во пакетот од 15. Законот веќе ја поминал владината процедура и првото читање во Собранието, а во второто читање ќе се разгледуваат осум амандмани. За нив е формирана експертска група која ќе даде стручно мислење, додека конечната одлука ќе ја донесе новиот министер. Очекувањата се законот да биде усвоен во рок од две до три недели.
Министерот во заминување нагласи дека веќе ја информирал својата наследничка или наследник за сите започнати и тековни процеси и дека од следната недела новото раководство ќе биде целосно вклучено во работата на Министерството.
Говорејќи за недостигот од кадар во Итната медицинска помош, Алиу посочи дека проблемот не е специфичен само за Македонија, туку е глобален предизвик. Сепак, рече дека се завршени сите подготовки за воведување на парамедицинари. Во тек е постапка за одобрување на нова тригодишна студиска програма на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, по што ќе следува и процедура пред Министерството за образование.
Тој потенцираше дека парамедицинар не може да стане лице со кратка тримесечна обука, туку само преку тригодишно високо образование, со кое ќе се обезбедат стручни кадри способни да работат со современа медицинска опрема и да интервенираат на терен. Воедно, најави дека екипите на Итната медицинска помош ќе бидат директно поврзани со експерти од клиниките и болниците во Скопје, со цел навремена стручна поддршка при сложени интервенции.
Во однос на извештаите за наводно непотребно изведени кардиохируршки интервенции, Алиу изјави дека материјалите биле разгледани на затворена владина седница, по што документацијата е доставена до надлежните институции. Доколку биде побарано, Министерството за здравство, рече тој, ќе обезбеди дополнителни информации.


