Утрински Весник
Македонија

Николоски: Градскиот воз Драчево–Илинден ќе стартува најдоцна до 1 септември

Pruga voz.jpg

Реконструкцијата на железничката обиколница на Скопје, на делницата од Драчево до Илинден, е успешно завршена, со што се создаваат услови товарниот железнички сообраќај да биде пренасочен надвор од главниот град. Денеска заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, заедно со директорот на ЈП Железници Инфраструктура Синиша Ивановски, извршија увид на реконструираната пруга, каде што беше реализирано и тест-возење.

Според Николоски, новообновената делница ќе биде наменета исклучиво за товарен железнички сообраќај, што ќе овозможи подобра организација на транспортот, побрз проток на карго-композициите и значително намалување на влијанието врз животната средина во Скопје.


„Драго ми е што денеска правиме тест-возење на обновениот железнички коридор, односно практичната обиколница на градот Скопје, на линијата меѓу Драчево и Илинден, со која товарните возови ќе се изместат надвор од градското подрачје“, изјави Николоски.

Тој нагласи дека со овој проект директно ќе се придонесе за намалување на загадувањето на воздухот и бучавата, бидејќи товарните композиции повеќе нема да минуваат низ централното градско подрачје.

Министерот информираше дека реконструкцијата ја реализирало ЈП Железници Инфраструктура во краток рок и дека во моментов се спроведува тест-период, по што ќе следуваат технички прием и финално пуштање во употреба.

„Очекувам за дваесетина дена карго-возовите да започнат да ја користат оваа делница. Освен што ќе придонесе за почиста животна средина, ова ќе овозможи и побрз товарен железнички сообраќај на Коридорот 10, што ќе значи повеќе бизнис, повеќе железнички композиции и дополнителен развој на транспортниот сектор во Македонија“, истакна Николоски.

Тој најави и дека Владата продолжува со модернизација на железничкиот систем, при што првата линија на долгонајавуваниот градски воз во Скопје треба да биде пуштена во функција најдоцна до 1 септември.

„За многу кратко време, најдоцна до 1 септември, ќе се видиме и на пуштањето во употреба на првата линија на градскиот воз, која ќе сообраќа од Зелениково, преку Драчево, до центарот на Скопје“, најави министерот.

Со реализацијата на овие проекти, се очекува значително подобрување на железничката инфраструктура, поефикасен товарен транспорт и создавање нова алтернатива за јавниот превоз во главниот град.

Можете да прочитате

МВР со акција во Кисела Вода: Запленети марихуана и дигитална вага

Смртта на 24-годишната Македонка се уште е под истрага, се очекуваат токсиколошките резултати

 Учество на министерот Муцунски на Самитот на НАТО во Анкара, Турција