
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека во наредните десетина дена ќе започне втората фаза од еден од најзначајните инфраструктурни проекти во главниот град – поврзувањето на подземната сообраќајница под „Лимак“ со булеварот „Македонија“.
Гостувајќи во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител, Ѓорѓиевски соопшти дека стартуваат градежните работи за изградба на тунелите кои ќе овозможат директно поврзување на трасата во правец од Центар кон Кисела Вода. Во рамки на проектот ќе бидат изградени и кружни текови на влезот и излезот од подземната сообраќајница, со цел подобра организација на сообраќајот.
„Во наредните десетина дена започнуваме со втората фаза, односно со изградба на тунелите за поврзување со подземната сообраќајница под ‘Лимак’, во правец од Центар кон Кисела Вода“, изјави Ѓорѓиевски.
Според него, пуштањето во употреба на подземниот булевар „Македонија“ е еден од главните приоритети на градската администрација, бидејќи станува збор за капитален проект кој треба значително да го намали сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и да овозможи побрзо, побезбедно и поефикасно движење низ Скопје.
Во изминатиот период, Град Скопје ја реализираше првата фаза од проектот, која опфати проширување и адаптација на сообраќајниците што ќе се поврзат со новата подземна траса. Работи се изведуваа на булеварот „Борис Трајковски“, кај Рампа, на улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и на булеварот „Македонија“.
Во интервјуто, Ѓорѓиевски зборуваше и за останатите капитални инвестиции што се реализираат во градот. Тој посочи дека паралелно се работи на клучката „Момин Поток“, продолжува реконструкцијата на булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево, се гради мостот на „Љубљанска“ кој ќе ги поврзе Бардовци и Карпош, како и мостот „Генерал Михајло Апостолски“, што ќе овозможи директна врска меѓу Аеродром и Гази Баба.
Освен инфраструктурните проекти, во емисијата беа отворени и теми поврзани со јавниот превоз, справувањето со дивоградбите, реконструкцијата на фонтаните, комуналната хигиена и одржувањето на атмосферската канализација.


