Утрински Весник
Македонија

Петровска: Бев, сум и ќе бидам СДСМ, Разговорите за Македонија се за доброто на СДСМ и Македонија

Img 8646.jpeg

Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска преку објава на социјалните мрежи се осврна на реакциите што следуваа по нејзиното учество на иницијативата „Разговорите за Македонија“, нагласувајќи дека нејзиниот ангажман не е насочен против партијата, туку, како што вели, во интерес на нејзино обновување и зајакнување.

Таа посочи дека во изминатите денови добила бројни пораки и телефонски повици од граѓани, поддржувачи, пријатели, но и критичари, на кои им се заблагодари за, како што наведува, личната комуникација и подготвеноста за отворен разговор.


Во својата објава Петровска потсетува дека член на СДСМ станала пред 26 години и дека низ целиот свој политички ангажман останала верна на партијата, без оглед на изборните победи и порази.

Таа наведува дека активно учествувала во сите значајни политички процеси и изборни циклуси на СДСМ, почнувајќи од работата во Социјалдемократската младина, преку парламентарните, претседателските и локалните избори, па сè до периодот на опозициската борба, протестите и настаните поврзани со политичката криза во државата.

Петровска истакнува дека останала во партијата и во најтешките периоди, кога, според неа, многумина се дистанцирале од политиката, нагласувајќи дека била дел од активностите за време на објавувањето на „Вистината за Македонија“, протестите пред Владата, како и настаните од 24 декември 2012 и 27 април 2017 година.

Во објавата потсетува и на својата политичка кариера, наведувајќи дека првата партиска функција ја добила во 2024 година како претседавач на Централниот одбор на СДСМ, а претходно била дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, пратеничка и министерка за одбрана.

Таа вели дека во 2024 година се кандидирала за претседател на СДСМ со програмата „Манифест за социјалдемократијата“, но се повлекла поради, како што наведува, прекршување на принципите и правилата во изборниот процес. И покрај тоа, додава дека продолжила да ги брани ставовите на партиското раководство и да работи во интерес на СДСМ.

Петровска открива дека на партиските органи предложила ветинг за пратениците и раководството, како и измени на Статутот со цел поголема моќ во одлучувањето да добие членството, но, според неа, на тие иницијативи не добила одговор.

„Моето учество во Разговорите за Македонија не е против СДСМ, туку за СДСМ. Затоа што јас сум социјалдемократ и по убедување и по дејствување“, наведува Петровска.

На крајот од својата објава таа ја цитира Еленор Рузвелт: „Големите умови дискутираат за идеи; просечните умови разговараат за настани; малите умови разговараат за луѓето.“

Можете да прочитате

Почина 24-годишен скопјанец, пронајден во семејниот дом во Скопје

Голем пожар во центарот на Скопје, густ чад се издига над Јужен булевар

Муцунски во Доха: Потврдена заедничката определба за продлабочување на политичката и економската соработка меѓу Македонија и Катар