
Вкупно 55 санкции и шест лишувања од слобода се резултат на акциската контрола што ја спроведе Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи на подрачјето на Штип.
Контролата била реализирана на 4 јули, во периодот од 17:00 до 23:00 часот, а била насочена кон санкционирање на возачи на мопеди, мотоцикли, четирицикли и електрични тротинети кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Според Министерството за внатрешни работи, при контролата биле изречени вкупно 55 мерки за сторени сообраќајни прекршоци и кривични дела. Од нив, една санкција е за возење со истечена важност на сообраќајната дозвола, една за управување возило под дејство на алкохол, дури 35 санкции се изречени за возачи на мотоцикли кои не носеле заштитен шлем, а три мерки се поради неистакната регистарска таблица. Констатирани биле и други прекршоци.
Во текот на акцијата биле откриени и шест кривични дела за „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Поради тоа, шест лица, меѓу кои и еден малолетник, биле лишени од слобода.
Полицијата одзела и еден мотоцикл поради тоа што сообраќајната дозвола му била истечена повеќе од шест месеци.
За сите сторители ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, а апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите со цел поголема безбедност на патиштата.

