
Единаесет дена по бруталниот напад во скопската населба Ченто, во кој 14-годишно момче беше избодено седум пати со нож, Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против тројца осомничени, но не за „обид за убиство“, туку за кривично дело „насилство врз дете“.
Од СВР Скопје информираат дека до Основното јавно обвинителство е поднесена кривична пријава против Ј.Ј. (19), В.С. (23) и В.А. (19), сите од Скопје, поради сомнение дека на 22 јуни, околу полноќ, на улицата „Финска“ во парк физички нападнале 14-годишен малолетник.
Според полицијата, осомничените употребиле тврд предмет, а со остар предмет му нанеле повреди на малолетникот. При истрагата бил пронајден и ножот со кој, според сомнежите, е извршено делото, а истиот е предаден на вештачење.
Мајката на повреденото момче претходно јавно тврдеше дека нејзиниот син бил избоден седум пати со нож и удрен по главата, при што побара случајот да биде квалификуван како „обид за убиство“, а не како „насилство врз дете“.
Од МВР соопштија дека трите лица биле лишени од слобода, но засега нема информации дали против нив се определени мерки за претпазливост или дали се обезбедени за понатамошната постапка.
Од друга страна, Основното јавно обвинителство не е обврзано да ја прифати правната квалификација на МВР. Обвинителството веќе побарало медицинска документација од Клиничкиот центар за да ги утврди тежината и природата на повредите на 14-годишникот, по што ќе одлучи дали ќе има поинаква правна квалификација на делото.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста, особено откако на социјалните мрежи беше објавено вознемирувачко видео на кое се гледа повреденото момче, крваво и неподвижно, непосредно по нападот.

