Утрински Весник
Македонија

14-годишник избоден седум пати со нож – МВР не гледа обид за убиство

79448e81 b40c 495c 80a0 62029d054ff5.jpeg

Единаесет дена по бруталниот напад во скопската населба Ченто, во кој 14-годишно момче беше избодено седум пати со нож, Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против тројца осомничени, но не за „обид за убиство“, туку за кривично дело „насилство врз дете“.

Од СВР Скопје информираат дека до Основното јавно обвинителство е поднесена кривична пријава против Ј.Ј. (19), В.С. (23) и В.А. (19), сите од Скопје, поради сомнение дека на 22 јуни, околу полноќ, на улицата „Финска“ во парк физички нападнале 14-годишен малолетник.


Според полицијата, осомничените употребиле тврд предмет, а со остар предмет му нанеле повреди на малолетникот. При истрагата бил пронајден и ножот со кој, според сомнежите, е извршено делото, а истиот е предаден на вештачење.

Мајката на повреденото момче претходно јавно тврдеше дека нејзиниот син бил избоден седум пати со нож и удрен по главата, при што побара случајот да биде квалификуван како „обид за убиство“, а не како „насилство врз дете“.

Од МВР соопштија дека трите лица биле лишени од слобода, но засега нема информации дали против нив се определени мерки за претпазливост или дали се обезбедени за понатамошната постапка.

Од друга страна, Основното јавно обвинителство не е обврзано да ја прифати правната квалификација на МВР. Обвинителството веќе побарало медицинска документација од Клиничкиот центар за да ги утврди тежината и природата на повредите на 14-годишникот, по што ќе одлучи дали ќе има поинаква правна квалификација на делото.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста, особено откако на социјалните мрежи беше објавено вознемирувачко видео на кое се гледа повреденото момче, крваво и неподвижно, непосредно по нападот.

Можете да прочитате

Владината реконструкција влегува во Собрание – Седница за новите министри на 13 јули

Трет голем пожар избувна во Штип, евакуирани работници од „Албатрос“

МВР приведе 18 возачи, најголем дел возеле без возачка дозвола