
Либанското движење Хезболах денеска ги отфрли тековните преговори меѓу Либан и Израел што со посредство на САД се водат во Вашингтон, истакнувајќи дека Израел мора безусловно да се повлече од либанската територија.
– Израел мора да си замине без услови и нема да помине ниту една обврска што го нарушува суверенитетот на Либан. Никој нема право да потпише такво нешто – изјави генералниот секретар на Хезболах, Наим Касем, во телевизиско обраќање.
Тој го повика либанското политичко раководство да настапи единствено на преговорите и да ги отфрли, како што рече, израелските диктати.
– Нема нормализација, нема крај на непријателството, нема придобивки за Израел и нема делумно израелско присуство на либанска територија – додаде Касем.
Изјавата следува откако американскиот Стејт департмент објави дека петтата рунда разговори меѓу Либан и Израел е продолжена за уште еден ден поради несогласувањата околу обемот на израелското повлекување од јужен Либан.
Израелскиот Канал 12 претходно јави дека е постигнат претпазлив напредок во разговорите околу американскиот пилот-план за делови од јужен Либан.
Според „Џерусалем пост“, предлогот предвидува постепено израелско повлекување од одредени подрачја, распоредување на либанската армија и демонтирање на воената инфраструктура на Хезболах.
Главниот спор останува околу тоа каде да започне спроведувањето на планот. Вашингтон и Бејрут се залагаат тоа да биде во областите што ги контролира Израел, додека Тел Авив бара планот прво да се тестира таму каде што нема негови сили.
Израел и натаму окупира делови од јужен Либан, од кои некои со децении, а други беа заземени за време на војната во периодот 2023–2024 година, наведува Анадолија.
Според либанските власти, од 2 март 2026 година, во израелските напади загинале 4.230 лица, повредени се 12.179, а повеќе од еден милион жители биле раселени.


