
Министерот за здравство Азир Алиу најави сеопфатна реформа на системот за Итна медицинска помош, која треба значително да го намали времето на одговор при итните повици и да воведе современ начин на управување со службата. Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“, тој порача дека целта не е само обновување на возниот парк, туку создавање целосно нов, централизирано управуван систем кој ќе овозможи побрзи и поефикасни интервенции.
Според Алиу, сегашното време на чекање за Итна медицинска помош е неприфатливо долго. Министерството располага со податоци дека во одредени случаи граѓаните чекаат и до 30 или 40 минути, додека во Словенија просечното време на одговор е меѓу седум и осум минути.
„Времето на чекање кај нас за жал е многу долго. Во Словенија, на пример, тоа изнесува меѓу 7 и 8 минути, додека кај нас граѓаните понекогаш чекаат од 30 до 40 минути. Во здравството времето е лек – не е важна само експертизата на лекарот, туку и моментот кога ќе пристигне до пациентот“, изјави Алиу.
Како дел од реформата, Владата веќе го усвоила предлогот за формирање посебна институција за Итна медицинска помош. Наместо сегашниот модел, во кој службата функционира во рамките на здравствените домови, новото решение предвидува единствен систем со централизирано управување.
„Пред една недела на владина седница помина предлогот за формирање на посебно тело, односно посебна институција за Итна медицинска помош. Таа повеќе нема да биде распарчена како дел од здравствените домови, туку ќе функционира како засебен субјект, со единствен менаџмент и централизирано командување“, истакна министерот.
Паралелно со организациските промени, Министерството развива нов софтвер кој во реално време ќе ја следи локацијата на сите возила на Итната медицинска помош и автоматски ќе ја одредува најбрзата маршрута до пациентот. Со тоа, диспечерските центри ќе можат побрзо да ги распоредуваат екипите и да го скратат времето на интервенција.
Новина ќе биде и воведувањето камери во возилата на Итната помош, преку кои медицинските тимови ќе можат во живо да се консултираат со специјалисти и субспецијалисти од болниците. На тој начин пациентите ќе добиваат експертска поддршка уште на местото на интервенцијата или за време на транспортот кон здравствената установа.
Според проценките на Министерството, за целосна имплементација на новиот софтвер ќе бидат потребни пет до шест месеци.
Во меѓувреме, завршува и постапката за набавка на 100 нови возила за Итната медицинска помош.
„Административната постапка е во завршна фаза. Доколку нема непредвидени административни пречки, очекувам за месец и пол до два новите возила да пристигнат. Во комбинација со новиот софтвер ќе добиеме модерен, ефикасен и квалитетен систем за Итна медицинска помош“, порача Алиу.


