
Администраторот на НАСА, Џеред Ајзекмен, го правдаше изборот на екипаж составен исклучиво од мажи за орбиталната мисија „Артемис III“. Фактот дека ниедна жена не е дел од оваа мисија предизвика критики од набљудувачите и љубителите на вселената ширум светот.
„Видов реакции коишто се движат од разочарување до негодување“, напиша раководителот на американската Национална воздухопловно-вселенска администрација, на „Икс“. – „Во свет со толку многу контроверзии, се надевам дека ова може да биде миг кога ќе ги славиме избраните астронаути, ќе го почитуваме интегритетот на процесот и ќе ја препознаеме извонредната длабочина на талентот низ целиот корпус“, додаде тој.
Изборот се заснова на бројни критериуми и, на крајот, избраната посада е онаа „што ѝ дава на мисијата најдобра шанса да ги исполни своите цели“, нагласи Ајзекмен, истакнувајќи колку астронаутки и други извонредни жени има меѓу вработените во НАСА.
Американската астронаутка Кристина Кох беше дел од екипажот на „Артемис II“, станувајќи така првата жена што ја обиколи Месечината.
Мисијата „Артемис III“ првично беше наменета да слета со луѓе на Месечината не порано од 2028 година, сега е закажана за лансирање во Земјината Орбита следната година заради тестирање, но нема да слета на Месечината, како што изјави Ајзекмен во февруари. Проблематичната програма „Артемис“ има за цел да ги врати луѓето на Месечината и да воспостави американска база таму, отворајќи го патот за идни мисии на Марс, во услови на интензивирање на светскиот натпревар за воена, комерцијална и научна предност во вселената.



