
Вистинска драма се одвивала вчера попладне на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, откако 26-годишен мотоциклист не застанал на полициски знак за запирање, удрил во полициски мотоцикл, повредил полициски службеник и се обидел да избега.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил околу 18:20 часот, кога Б.Б. (26) од Скопје, управувајќи мотоцикл, не ја почитувал наредбата за запирање дадена од полициски службеници од Одделението за безбедност на патниот сообраќај, кои биле ангажирани со службени мотоцикли.
По кратка потера, полициските службеници го пристигнале, но тој намерно удрил во еден од службените мотоцикли. Од ударот и двајцата паднале на коловозот, по што осомничениот го напуштил местото на настанот.
Во несреќата повреден бил полицискиот службеник, кој бил пренесен во Градската општа болница „8 Септември“, каде му била укажана лекарска помош.
По преземени оперативни мерки, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција го пронашле и го лишиле од слобода на подрачјето на Ѓорче Петров околу 18:50 часот.
При приведувањето кај него биле пронајдени и одземени марихуана и дигитална вага, а полицијата ја пронашла и торбичката што ја фрлил додека бегал, во која имало повеќе од 100 таблети.
Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосното расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.


