Утрински Весник
Економија

ДЗР: Социјална помош се исплаќала и на лица на кои не им следувала

Denari Pari.jpg

Државниот завод за ревизија во извештај објавен денеска соопштија дека утврдиле бројни слабости и неправилности во системот за остварување, исплата и контрола на правата од социјална заштита во земјава.

Ревизијата, која го опфатила периодот од 2022 година до јуни 2025 година, покажала дека постапките не се целосно усогласени со законската регулатива и дека постојат пропусти во контролите, документацијата и размената на податоци меѓу институциите.


„Поради слабости во системските контроли и размената/преземање на податоци по службена должност за 2024 година ревизорите утврдиле 235 корисници кои истовремено, стекнале, односно користеле и права од социјална заштита и
пензија, за што неосновано исплатени се 14.536 илјади денари, односно околу 236 илјади евра од кои:
– 10.763 илјади денари на 190 корисници по основ на гарантирана минимална помош,
– 426 илјади денари по основ на траен надоместок на 5 корисници и
– 3.347 илјади денари по основ на правото на социјална сигурност на старите лица кај 40 корисници“, се вели во извештајот на ДЗР.

Оттаму посочуваат и на недоволна контрола од центрите за социјална работа, нецелосна документација, доцнење во постапките, како и неефикасно следење на враќањето на неосновано исплатените средства. Ревизорите предупредуваат дека ваквите состојби создаваат ризик од нерационално трошење на јавните средства и ја намалуваат ефикасноста на системот за социјална заштита.

„Ревизорите утврдиле дека ЦСР и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ) не ја спроведуваат ефикасно законската обврска за изработка и следење на индивидуални планови за активација на невработените корисници на гарантирана минимална помош (ГМП). Плановите се изработуваат во многу мал обем, најчесто рачно наместо електронски, без функционална соработка, координатори и редовни средби меѓу институциите“ велат од ДЗР.

За надминување на утврдените слабости, Државниот завод за ревизија препорачува подобрување на законската рамка, контролите и координацијата меѓу надлежните институции.

Целосниот извештај на ДЗР можете да го прочитате тука.

Можете да прочитате

Левица: Хронична некадарност на Владата – уште еден ценовен шок за граѓаните

Славески се сретна со гувернерот на Народната банка на Кина

Голем инвестициски циклус во здравството: Нови болници, современа опрема и поквалитетна грижа за пациентите