
Соопштение за јавност на Алијанса за Албанците:
Алијансата за Албанците изразува длабока загриженост за собирот што вчера се одржа во Куманово, каде преку провокативни повици „Да живее Србија” и „Косово е наше”, со српски знамиња и отворени пораки за поддршка на политиките на Александар Вучиќ, беше повредена политичката, историската и националната чувствителност на Албанците.
Куманово е град со тешка историја, со жртва и болна меморија. Токму поради тоа, секоја манифестација што ја враќа националистичката реторика и го негира реалитетот на независноста на Косово не може да се третира како обичен настан. Таквите пораки не ѝ служат ниту на мирот, ниту на стабилноста, ниту на меѓуетничкиот соживот.
Балканот има платено висока цена од политиките што поттикнуваат омраза, негирање и територијални претензии. Затоа, мирот не се гради со слогани што провоцираат, туку со меѓусебна почит, со признавање на политичките реалности и со институционална одговорност.
Советникот на Алијансата за Албанците во Советот на Општина Куманово, Хузеир Мустафи, нагласува дека вчерашниот собир бил настан што не ѝ служи на мултиетничката атмосфера и соживотот во градот Куманово.
Уште позагрижувачки беше говорот и присуството на Максим Димитриевски, кој континуирано покажува едностран пристап и драстични разлики на етничка основа преку селективна распределба на проекти и инвестиции. А синоќа, со своето присуство и јавна поддршка за Вучиќ, само дополнително ја продлабочи оваа перцепција кај граѓаните.
Иронично, само еден ден претходно во Општинскиот совет ја усвоивме одлуката за отворање канцеларија на Европската Унија во Куманово. Затоа се поставува прашањето: дали проевропската ориентација е искрена или само формалност за добивање фондови, кога зборовите и постапките се во спротивност едни со други?
Алијансата за Албанците бара од државните институции да постапуваат со сериозност и будност кон секоја активност што може да поттикне меѓуетнички тензии и да ја наруши хармонијата во државата. Молкот кон ваквите провокации не е политичка зрелост, туку охрабрување за нивно повторување.
Во исто време, загрижува и отсуството на каков било став од ВЛЕН. Во моменти кога се засега националното достоинство на Албанците, албанските претставници во власта не можат да се однесуваат како неми набљудувачи. Нивниот молк покажува недостаток на политичка храброст и целосна зависност од владините партнери.
На Куманово му се потребни пораки на соживот, почит и стабилност, а не увоз на националистички агенди што се обидуваат да ги одржат живи тензиите од минатото.


