Утрински Весник
Македонија

Спасовски: Владата вели сме трета економија во Европа, а граѓаните едвај крпат крај со крај

Img 4884.jpeg

Зад владините тврдења за историски економски резултати и стабилна економија, се крие сериозна криза на ликвидноста во државната каса. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го предупреди пратеникот на СДСМ и поранешен министер Оливер Спасовски, коментирајќи го новото задолжување на Владата на меѓународниот финансиски пазар.

Според Спасовски, самото брзање на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да го донесе законот за задолжување по скратена постапка е најдобар доказ дека состојбата во буџетот е сериозна.


„Ако ги слушате изјавите на премиерот и министрите, важи правилото: ‘Не ме гледајте што правам, слушајте ме што зборувам’. Ќе слушнете дека сме трета економија во Европа, а граѓаните секојдневно едвај крпат крај со крај. Самото носење на задолжувањето по скратена постапка покажува дека нешто се крие и дека буџетот е во сериозен проблем со ликвидноста“, истакна Спасовски.

Тој оцени дека аргументите на Владата за новото задолжување биле контрадикторни и правно неиздржани.

„Од една страна велат дека задолжувањето било редовно и предвидено во Фискалната стратегија. Ако е така, тогаш зошто се носи по скратена постапка наместо преку редовна и транспарентна дебата? Од друга страна велат дека парите се потребни за итна фискална консолидација. Ако навистина има вонредна состојба, тогаш законот требаше да се носи по итна постапка, а не по скратена“, рече Спасовски.

Повикувајќи се на официјалните бројки од Фискалната стратегија, пратеникот предупреди дека Владата втора година по ред го пробива законски дозволениот лимит за буџетски дефицит.

Тој посочи дека според планот, приходите во буџетот се проектирани на 374,9 милијарди денари, а расходите на 414,2 милијарди денари, што значи дефицит од 39,2 милијарди денари или 3,5% од БДП.

„Законот јасно предвидува максимален дефицит од 3% од БДП. Владата свесно го прекршува ова правило веќе втора година по ред“, потенцираше Спасовски.

Особено загрижувачки, според него, се податоците за реализацијата на буџетот во првите пет месеци од годинава.

„Реализираните приходи досега се 131,3 милијарди денари, односно 35,3%, додека расходите веќе достигнаа 163,6 милијарди денари или 39,5%. Тоа значи дека веќе е направен дефицит од 32,3 милијарди денари. Ако вкупниот планиран дефицит за цела година е 39,2 милијарди, а вие за пет месеци сте потрошиле 82% од него, тогаш е невозможно до крајот на годината дефицитот да остане во рамките што ги предвидуваат“, предупреди тој.

Спасовски оцени дека Македонија се движи кон опасна должничка спирала и економска нестабилност.

„Во моментов јавниот долг е 59,7% од БДП, а во таа бројка воопшто не е пресметано најновото задолжување. Со новите 260 милиони евра заем, плус 69 милиони евра камати и трошоци, граѓаните ќе треба да враќаат вкупно 330 милиони евра. Ако се додаде и задолжувањето на домашниот пазар, Македонија дефинитивно ќе ја надмине границата од 60% јавен долг“, изјави Спасовски.

Тој предупреди дека според официјалните проекции јавниот долг ќе продолжи да расте и во наредните години, што ќе значи сè поголем товар за граѓаните.

„Наместо парите да одат за капитални инвестиции, инфраструктура и подобар животен стандард, сè повеќе средства ќе се трошат за отплата на камати и стари долгови“, заклучи Спасовски.

Можете да прочитате

Спасовски: Не може и против Грција, и против Бугарија, а да сте за ЕУ

Спасовски: Ќе има предвремени парламентарни избори, СДСМ мора да биде подготвен

Спасовски со отворена самокритика: Големите очекувања од СДСМ донесоа големи разочарувања!