Утрински Весник
Македонија

Спасовски со отворена самокритика: Големите очекувања од СДСМ донесоа големи разочарувања!

Img 4886.jpeg

Без сериозна, детална и болна анализа за причините што доведоа до драматичниот пад на довербата кај граѓаните, СДСМ нема да може да понуди одговор како повторно да ја врати поддршката. Ова отворено го призна поранешниот министер за внатрешни работи и висок функционер на СДСМ, Оливер Спасовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Правејќи ретроспектива на седумгодишното владеење на СДСМ, Спасовски посочи дека партијата направила сериозни пропусти – од кадровската политика, па сè до неисполнетите очекувања за правда и длабоки реформи во правосудството.


„Некој ќе рече дека фактор беше коалицискиот партнер, и тоа е точно. Но мислам дека и самите ние, преку кадровската политика и одредени одлуки кои се носеа, влијаевме на ваквиот исход. Најмногу фалеше правда, поголема реформа во правосудниот систем и поинаков начин на функционирање. Граѓаните го очекуваа тоа по рушењето на претходниот режим, а големите очекувања секогаш резултираат со големи разочарувања“, изјави Спасовски.

Тој оцени дека проблемот не е само кај една политичка структура, туку во целиот политички систем во Македонија, кој со години функционира врз основа на клиентелизам и партиски интереси.

„Сите партии, без исклучок, страдаат од истата болест – клиентелизам. Се решаваат проблеми на поединци, се пазари со вработувања, се договара кој на која функција ќе седне. Тоа носи краткорочни политички поени, но долгорочно ја уништува државата“, рече Спасовски.

Според него, најголемиот дел од граѓаните не се партиски определени и токму тие го носат конечниот суд на изборите.

„Огромното мнозинство од народот се неопределени граѓани кои не се членови на партии. Тие не бараат партиски услуги, туку функционален систем, правда, чист воздух, здрава животна средина и институции кои работат во интерес на граѓаните“, нагласи тој.

Спасовски потенцираше дека државата мора конечно да престане да функционира како механизам за задоволување на теснопартиски интереси.

„Системот мора да се стави во функција на народот, а не на партиите“, порача пратеникот на СДСМ.

Како еден од најдлабоките проблеми во државата, Спасовски го посочи начинот на размислување и политичката култура, оценувајќи дека вистинските реформи не можат да се сведат само на носење закони.

„Реформата мора да биде прво реформа на умот, реформа на нашето размислување. Ние често се споредуваме со Германија, Шведска или Норвешка. Но таму граѓаните се градат како карактери со високи морални и етички норми, а законите се само производ на тој морал. Кај нас сакаме преку законски текстови да ги наметнеме моралот и етиката. Тоа едноставно не е можно“, изјави Спасовски.

Тој заклучи дека одговорност за промената има секој поединец во општеството, но дека најголемиот товар за создавање нов политички и институционален амбиент мора да го понесе политичката елита која управува со државата.

Можете да прочитате

Спасовски: Ќе има предвремени парламентарни избори, СДСМ мора да биде подготвен

Спасовски: Владата вели сме трета економија во Европа, а граѓаните едвај крпат крај со крај

Системот не смее да се злоупотребува вели Спасовски за „Сејф сити“