Утрински Весник
Македонија

Повеќе разбирање и поддршка за жените: здравствените работници се обучуваат за перименопауза

Image 2026 05 06 155745137.png

Перименопаузата е природен дел од животот на секоја жена, но често доаѓа со многу прашања, несигурности и промени кои не секогаш се препознаени или разбрани. Токму затоа започна серија обуки за здравствени работници, со цел да се унапреди пристапот и грижата за жените во овој важен период.

Обуките се реализираат врз основа на Водичот за перименопауза, развиен преку соработка помеѓу ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и МАГО – Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари.


Фокусот е ставен на матичните лекари и гинеколозите оние на кои жените најчесто први им се обраќаат. Целта е тие навремено да ги препознаат симптомите, да ја разберат состојбата и да понудат соодветна поддршка.

Во рамки на првата серија обуки, веќе се обучени повеќе од 40 здравствени работници – значаен чекор кон тоа повеќе жени да добијат разбирање и квалитетна грижа таму каде што најмногу им е потребна.

Перименопаузата може да трае и до 10 години. За многу жени, овој период носи промени – од топли бранови и нарушен сон, до анксиозност и промени во расположението. Според Светска здравствена организација, повеќе од 70% од жените искусуваат вакви симптоми. И покрај тоа, за оваа тема сè уште ретко се зборува доволно јавно и отворено.

Во време кога дезинформациите за женското здравје се лесно достапни, особено на интернет, потребата од точни, проверени и разбирливи информации е поголема од кога било.

Во нашата земја сè уште недостигаат систематски податоци за перименопаузата, што ја прави оваа иницијатива уште поважна. Водичот е создаден од тим експерти од различни области, гинекологија, ендокринологија, психијатрија и примарна здравствена заштита  за да понуди практични и применливи решенија.

Целта е едноставна, но значајна: жените да не се чувствуваат сами во овој период, туку разбрани, поддржани и информирани.

 Перименопаузата не е болест – таа е дел од животот. Но, секоја жена заслужува да помине низ овој период со достоинство, грижа и поддршка.

Затоа што зад секој симптом стои жена која треба да биде слушната. Обуките се реализираа во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи”, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата „Цивика Мобилитас”.

Можете да прочитате

Претставата на Драмски театар „Мачкина глава“ ќе го отвори јубилејниот, 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Уставен суд поведе постапка за нееднаков третман при добивање на еднократна парична помош за новороденчиња 

Кога законите стануваат алатка за дерење кожа на граѓаните