Утрински Весник
Македонија

Груевски до власта: Не продолжувајте ја валканата игра од минатото

Img 3519.jpeg

Поранешниот премиер Никола Груевски преку објава на социјалните мрежи остро реагираше на изјавите на министерот за правда во врска со можната постапка за негова екстрадиција од Унгарија.

Груевски посочи дека внимателно го следел денешното излагање на министерот, кој говорел за собирање информации од судовите и за чекање на новата власт во Унгарија, со цел да се информира за неговиот статус и евентуално да започне постапка за екстрадиција.


Во својата реакција, Груевски праша „кој е на власт во Македонија“, додавајќи дека, според него, актуелните потези наликуваат на политики од времето на претходната власт.

Тој го повика министерот, наместо да се фокусира на неговите предмети, да ги испита, како што наведува, злоупотребите, незаконските постапки и политичкиот прогон што се случувале во периодот на владеењето на СДСМ и Зоран Заев.

Груевски повторно ги оспори судските процеси против него, тврдејќи дека станувало збор за монтирани случаи, политички мотивирани обвиненија и пресуди донесени под притисок.

Во објавата тој ги спомена предметите поврзани со службеното возило „Мерцедес“, случаите за плацеви, станови, протестите пред Општина Центар, како и проектот за автопатот Кичево-Охрид, тврдејќи дека обвиненијата биле неосновани.

Поранешниот премиер оцени дека еден ден, како што наведе, „парадијата на правосудниот систем“ ќе биде согледана и од Европската Унија од вистински агол.

На крајот, Груевски порача дека министерот за правда треба да постапува според совеста и законите, а не да стане дел од, како што рече, „валкана игра од минатото“.

Можете да прочитате

Левица: Градоначалникот Ќира се прогласи за ненадлежен за криминалот со плажите во Струга

EOGL со предупредување до Собранието: Оданочувате загуби и уништувате легален сектор, државата се соочува со милионски меѓународни арбитражи

Филипче со земјоделците од Иванковци: Катастрофална состојба со откупот на пченица и јачмен