Утрински Весник
Свет

Трамп: Напаѓач со омраза и антихристијански ставови, повторно ќе го организираме настанот

Tramp.webp.webp

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп денес изјави дека осомничениот за синоќешниот напад во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон е „болен човек“ со „многу омраза во срцето“, кој има изразени „антихристијански ставови“, и најави дека откажаниот настан на Здружението на дописници од Белата куќа (WHCA) наскоро би можел повторно да се одржи.

Трамп во интервју за „Фокс њуз“, повикувајќи се на наводен манифест пронајден во хотелската соба на осомничениот, додаде дека станува збор за „многу проблематична личност“.


„Кога ќе го прочитате неговиот манифест, јасно е дека ги мрази христијаните“, рече Трамп.

Тој не ги демантираше наводите дека осомничениот е идентификуван како Кол Ален, а наведе и дека неговото семејство претходно се обидело да ја контактира полицијата поради загриженост за неговото однесување.

„Би сакал порано да нè известеа за тоа, но што е тука е“, изјави Трамп, пренесува NBC News.

Тој оцени дека нападот имал верска позадина и дека бил „силно насочен против христијаните“, иако полицијата претходно соопшти дека мотивот сè уште не е утврден.

Трамп ги пофали припадниците на американската Тајна служба и другите безбедносни агенции, истакнувајќи дека „одлично ја завршиле работата“ и дека „брзо го неутрализирале“ напаѓачот.

„Не ни се приближи до вратите“, рече Трамп, додавајќи дека безбедносните служби реагирале навремено.

Американскиот претседател истакна дека сака откажаниот настан наскоро повторно да се закаже.

„Не можеме да дозволиме криминалци да го менуваат текот на настаните во нашата земја. Тоа беше важен настан“, рече Трамп, наведувајќи дека новиот термин би можел да биде во наредните 30 дена.

Додаде дека сакал настанот да продолжи и по инцидентот, но дека безбедносните протоколи тоа не го дозволиле.

Трамп исто така укажа на проблеми со финансирањето на Министерството за внатрешна безбедност на САД, во чиј состав е Тајната служба, наведувајќи дека агентите во моментов не се платени поради политички застој во Конгресот.

„Демократите ги блокираат нивните примања“, рече Трамп.

На годишната вечера на Здружението на дописници од Белата куќа, на која присуствувал американскиот претседател Доналд Трамп во хотелот „Хилтон“ во Вашингтон, вооружено лице идентификувано како Кол Томас Ален (31) испукало повеќе истрели, по што сите присутни биле евакуирани. Осомничениот нема криминално досие и не бил познат на полицијата.

Можете да прочитате

Нови детали: Што е познато за напаѓачот на Трамп?

Зошто богатите го напуштаат Дубаи и одат во Милано?

Пчеларството расте, но климатските промени го загрозуваат приносот