Утрински Весник
Свет

Двајца агенти на ЦИА убиени во Мексико, едниот влегол како турист, другиот како дипломат

Usa Mexico.webp.webp

Мексиканската влада соопшти дека двајцата американски агенти кои загинаа во сообраќајна несреќа минатиот викенд немале никакви дозволи за работа во земјата. Агентите, според достапните информации, работеле за ЦИА и биле вклучени во рации во лаборатории за дрога во северната држава Чивава. Во еден момент, нивното возило се лизнало од планински пат, слетало во клисура и експлодирало, јавува Би-Би-Си.

По истрагата наредена од претседателката Клаудија Шајнбаум, мексиканското министерство за безбедност соопшти дека ниту еден од агентите немал официјални овластувања за учество во операциите. Тие исто така нагласија дека федералните власти воопшто не биле информирани дека се на терен.


Овој инцидент се случи во време на прилично затегнати односи меѓу Мексико и САД, кои веќе некое време се во конфликт околу голем број прашања, вклучително и борбата против нарко-картелите. Претседателката Шајнбаум е под зголемен притисок од Доналд Трамп, кој бара построга борба против трговијата со дрога.

Иако Трамп постојано нудеше помош во операциите предводени од американските сили, мексиканската претседателка постојано ги отфрлаше таквите понуди. Шајнбаум тврдеше дека странските агенти можат да дејствуваат на мексиканска територија само со претходна согласност од федералната влада, инсистирајќи дека суверенитетот на нејзината земја не смее да биде нарушен.

Едниот влегол како турист, другиот со дипломатски пасош

Министерството за безбедност на Мексико денес објави детали од имиграциските евиденции што покажуваат дека еден од агентите влегол во земјата како „посетител“, додека другиот патувал со дипломатски пасош. „Ниту еден од нив немал формална акредитација за учество во операции на национална територија“, се вели во официјалното соопштение.

Во исто време, Министерството потсети дека мексиканските закони строго им забрануваат на странските агенти да учествуваат во какви било акции без одобрение од федералните власти. Американските медиуми претходно објавија дека двајцата неименувани мажи работеле за ЦИА како дел од зголемените напори за борба против трговијата со дрога, што е клучен приоритет на администрацијата на Трамп.

Можете да прочитате

Украина за прв пат го нападна рускиот град Екатеринбург

Маѓар ќе ја проверува финансиската поддршка што Орбан ја давал за Унгарците во Србија

Трамп се откажа од преговорите со Иран