Утрински Весник
Македонија

ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈАТА  „ВРЕМЕ НА ПРЕКРШУВАЊА – ВРЕМЕ НА ГОЛИ ОТОК“

Thumbnail.jpg

Во културно информативниот центар – Скопје ќе се одржи промоција на монографијата  „Време на прекршувања – време на Голи Оток “ од Виолета Ачкоска, во издание на издавачката куќа ,,ПАНИЛИ“, на 6. април 2026 година во 19:19 часот  Салон 19:19.

Разговорот со авторката ќе го води Богдан Илиевски. делови од книгата ќе чита актерот Крсте Јовановски. Монографијата Време на прекршувања – време на Голи Оток е резултат на повеќегодишни истражувања и во неа е отсликано едно специфично време на идеолошко-политички прекршувања на општествен план, но и на лични прекршувања на луѓето кои не можеле да се снајдат во силните пресврти што се случувале во рамките на нападот на „Информационото биро на комунистичките и работничките партии“ врз Комунистичката партија на Југославија (1948-1956).


Преку користење документи и литература од различна провиниенција, во трудот се анализира времето на почетоците на Студената војна и формирањето на ИБ, судирот Сталин-Тито, начините на справување со приврзаниците на СССР и ИБ, системот на „општествено превоспитување“ и судбината на Македонците на Голи Оток и во другите логори за „информбировци“, и на крај, процесот на десталинизација и рехабилитација.

Во рамките на достапната документација и различна литература, избрана е онаа, која на најсоодветен начин и најаргументирано, ги  претставува тогашните случувања и главните актери кои или ја креирале дадената политика или биле жртви на истата. Иако голем дел од документацијата за ова време е уништена, а сведоците не се меѓу живите, авторката успеала со критичка анализа на бројни полициски досијеа, архивски записи, документи од  домашните архиви и архивите во Белград, Љубљана и Софија, документите на ЦИА, мемоарска и друга литература и сеќавања на дел од „информбировците“ или нивните потомци, да направи историски веродостојна реконструкција на историските појави и процеси и да расветли одделни нерасветлени моменти од тоа време. Бројните фусноти во трудот се дел од научниот потход и ги потврдуваат констатациите и заклучоците на авторката.

Виолета Ачкоска, доктор по историски науки, универзитетски професор во пензија. Родена е во Охрид на 4 септември 1954 година. Во 1977 година дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје, група Историја.На истиот факултет магистрирала во 1988 и докторирала во 1993 година со темата: „Аграрот и селото во Македонија 1945-1955 година“.

Во 1978 се вработила во Марксистичкиот центар „Мито Хаџи василев – Јасмин“ како стуручен соработник од областа на историјата. Во 1989 година преминува во Институтот за национална историја, најпрво како аситент, а по докторирањето стекнува степен научен соработник и самостоен научен советник. Десет години потоа се вработува како професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Институт за историја.

Досегашните објавени трудови на Виолета Ачкоска се однесуваат, главно, на следниве научни области: 1. Историја на Македонија и македонскиот народ, најнов век, при што поголемиот број посветила на социјалната историја, потоа на политичката историја  (меѓуетничките односи и репресијата во комунизмот), историјата на образованието и културната историја; 2. Теорија – Методологијата на историската наука, Историја на историографијата, Методиката на наставата по историја. Во рамките на својот научен интерес, отворила некои табу теми во македонската историографија, како: колективизацијата на македонското село, задолжителниот откуп,  ревизијата на доделувањето земја на некогашните колонисти, одделни аспекти на проблемот на репресијата за време на комунистичкиот режим итн.

    Во рамките на нејзината професорска дејност била член на повеќе комисии за одбрана на докторски, магистерски и дипломски работи. Како ментор, кај неа докторирале 12 доктори на науки, магистрирале 29 постдипломци и дипломирале околу 100 студенти.  Ачкоска е автор на околу 45 монографии, учебници, учебни помагала и други историографски изданија, автор на повеќе од сто научни статии, на 30 сценарија за документарни филмови, на неколку музејски концепции и различни написи, фељтони, интервјуа итн. Учествувала во повеќе научни проекти, на бројни домашни и меѓународни научни симпозиуми, тркалезни маси, трибини, семинари од областа на историјата и член на неколку редакции на научни списанија (Годишен зборник на Филозофскиот факултет, сп. Историја, Гласник на ИНИ). Била редактор, рецензент и промотор на стотина научни, публицистички и книжевни изданија.

По нејзиното пензионирање, покрај истражувањата на најновата историја, објавила 7 самостојни збирки поезија и е застапена во над 65 домашни и меѓународни групни изданија. Во нејзините пошироки ангажмани како експерт, професор и интелектуалец била член на повеќе комисии и одбори во рамките на Министерството за образование и наука, во рамките на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј“, на Филозофскиот факулет итн. Била член на одборите за доделување државни награди и општествени признанија и претседател на Управен одбор на Музејот на македонската борба за самостојност и во други одбори.

Можете да прочитате

„Ѝ реков не се секирај, тука сме сите, има институции“ – потресно сведочење на Мартин Саздов за трагедијата на Ивана и Катја

Автопатот Кичево–Охрид ќе чини 13,5 милиони евра по километар вели Николоски

Николоски: Политиките на субвенционирање донесоа силен раст во авиосообраќајот