Утрински Весник
Македонија

Загубите на вода во државата лани изнесувале 63,05 проценти

Bez Voda.jpeg

Загубите на вода на национално ниво во 2025 година изнесувале 63,05 проценти и се помали за 0,16 проценти во споредба со 2024 година – покажуваат податоците од Годишниот извештај за 2025 година за работата на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад(РКЕ).

Намалување од 0,33 метри кубни има и кај просечната месечна потрошувачка на домаќинствата на вода која во 2025 година изнесувала 12,59 метри кубни. Домаќинствата од Југозападниот Регион имаат најмала просечна потрошувачка од 8,67 метри кубни, додека во Вардарскиот Регион е најголема со 15,10 метри кубни.


РКЕ информира дека фактурираната количина на вода во 2025 година изнесува 36,95 проценти и е практично на исто ниво како и претходната година (36,79 проценти).

Највисок процент на неприходувана вода има во Југозападен Регион од 73 проценти, додека најмал процент на неприходувана вода е регистриран во Југоисточен Регион 47,88 проценти.

Процентот на покриеност со водоснабдување во 2025 година бележи зголемување во сите региони во споредба со 2024 година, при што најголема покриеност има во Источниот Регион со 92,58 проценти, додека најголемо зголемување на процентот на покриеност со вода за една година од над 3 проценти е регистриран кај Југоисточниот Регион  и изнесува 87,50 проценти. Станува збор за проширување на мрежата преку нови инвестиции, но влијание во зголемувањето на покриеноста со водоснабдување има и трендот на приклучување на малите водоснабдителни системи од руралните средини и нивното припојување кон големата градска мрежа.

– РКЕ во 2025 година има донесено 34 решенија за утврдување на тарифи (опсег) за снабдување со вода за пиење, кои потоа ги одобрува советот на соодветните општини и девет конечни регулаторни тарифи, што се обврзувачки за примена и се донесени откако советот не го прифатил предложениот опсег на цени, се вели во соопштението.

Можете да прочитате

Мицкоски за аферата со шпионажа во кабинетот на Давкова: Тоа се глодари кои треба да ги заборавиме

„Алтус НЗ“ со концерт во македонскиот КИЦ во Истанбул

Повикана Брза помош, на еден од обвинетите за трагедијата во Кочани не му било добро