
Вториот, подеднакво важен столб во градење на економскиот суверенитет, е безбедноста во снабдувањето со храна, пишува екс министерот Кирил Миноски.
Доколку ги погледнеме бројките и трендовите, пишува тој во анализата на социјалните мрежи, ќе видиме дека тука се наоѓа една од најсериозните слабости на македонската економија.
„Наместо јакнење во изминатата деценија, сведочиме на системско слабеење на домашното производство на храна. Индексот на земјоделско производство континуирано опаѓа, обработливите површини се намалуваат, а зависноста од увоз расте. Сето ова е резултат на долгогодишни структурни проблеми.
Индексот на земјоделско производство (2015=100) јасно ја покажува сликата: додека Македонија паѓа од 100 на 78 во 2024 година (пад од околу -22%), за споредба во соседна Србија расте на 123, а добар репер е и Полска со 145. Тоа значи дека додека ние губиме капацитет, другите држави значително го зголемуваат своето производство и конкурентност во делот на производството на храна.
И покрај фактот што во последната деценија се издвоиле околу 1,8 милијарди евра во форма на буџетски трансфери кон земјоделството, резултатот е поразителен, имаме помало производство, пониска продуктивност и зголемен увоз. Уделот на земјоделството во БДП се намалил приближно 10,2% во 2015 година , на околу 6,5-7 % во 2024 година. Дополнително, надворешно-трговскиот дефицит за храна континуирано расте што е јасен сигнал дека домашното производство директно се заменува со увоз.
Ваквата состојба се должи на низа структурни слабости. И покрај тоа што државата располага со значителен земјоделски потенцијал, голем дел од земјиштето останува необработено. Дополнително, значителен дел од доделеното земјиште се користи неефикасно, не за производство, туку за формално исполнување услови за добивање субвенции. Во исто време, ресурсите се концентрираат кај ограничен број субјекти, без јасен и транспарентен увид кој колку земја користи и со какви резултати. Таквиот модел природно отвора простор за злоупотреби.
Системот е дополнително оптоварен со корупција и клиентелизам, што најдобро се гледа преку блокираните средства од ИПАРД програмата – изгубени инвестиции од околу 350 милиони евра во земјоделството.
Наместо развојна аграрна политика што дава резултати, добивме систем кој служи првенствено за распределба на буџетски средства, без реален ефект врз производството.
Цената на ваквите политики веќе ја чувствуваме, а ќе стане уште повисока во услови на кризи, кога растот на цените на храната директно го погодува животниот стандард.
Затоа е неопходна суштинска промена. Доколку сакаме да ја зголемиме отпорноста на економијата, потребни се реформи што ќе значат: субвенции врз основа на реален принос и производство, целосен и транспарентен регистар на земјиште, дигитална контрола на користењето на средствата, силни антикорупциски механизми, одблокирање на ИПАРД и активирање на инвестициите, развој на конкурентна прехранбена индустрија и сигурен пласман .
Во спротивно, ќе продолжиме да се соочуваме со долготрајна инфлација и зголемена економска ранливост, нешто што го потврдуваат и анализите на ЕБОР, според кои Македонија е меѓу најизложените економии на надворешни шокови, особено во делот на храната и енергијата“ пишува Миноски.


