Утрински Весник
Економија

Славески од Регионалниот состанок на гувернери: Поврзувањето на  системите за инстант плаќања е едно од најпрактичните решенија за побрзи и поевтини прекугранични плаќања

Regionalna guvernerska konferenczija 1 scaled.jpg

Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, учествуваше на Регионалниот состанок на гувернери што се одржа во Пула, Република Хрватска, во организација на Хрватската народна банка, каде што во фокусот на дискусиите беа дигиталната трансформација на финансискиот систем, дигиталните средства и иднината на прекуграничните плаќања.

На тркалезната маса на тема „Од експеримент до инфраструктура: дигиталните средства во традиционалниот финансиски свет”, гувернерот Славески посочи дека поврзувањето на системите за инстант плаќања во регионот, преку решенија засновани врз платформата клон на ТИПС, претставува едно од најпрактичните и најодржливите решенија за побрзи, поевтини и потранспарентни прекугранични плаќања во евра. Притоа беше истакнато дека ваквиот пристап овозможува регионална интеграција и подобра поврзаност со европската платежна инфраструктура, без нарушување на монетарниот суверенитет на државите.


Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека технолошките иновации треба да создаваат реална економска вредност, преку поефикасни платни системи, подобра достапност на финансиските услуги и намалување на трансакциските трошоци, а не да бидат водени исклучиво од шпекулативни цели. Тој посочи дека дигиталната трансформација на финансискиот сектор мора да се одвива паралелно со јасна регулаторна рамка, силна киберзаштита и зачувување на довербата во финансискиот систем.

Славески се осврна и на активностите што ги презема Народна банка во областа на финтек-иновациите и модернизацијата на финансискиот сектор, во рамките на Финтек-стратегијата за финансиските регулатори 2023 − 2027 година. Во таа насока, беше посочено дека Народната банка има проактивен пристап кон дигиталната трансформација и активно ги следи светските трендови поврзани со дигиталните валути на централните банки и развојот на дигиталното евро.

Притоа, беше нагласено дека како мала и отворена економија којашто е тесно поврзана со еврозоната, нашата земја внимателно ги анализира можните ефекти од воведувањето на дигиталното евро врз домашниот финансиски систем. Во тој контекст, Народната банка веќе ги разгледува можностите и потенцијалните ефекти од евентуално воведување дигитален денар, особено во делот на модернизацијата на плаќањата, финансиската вклученост и ефикасноста на монетарната политика.

На состанокот беше истакнато и дека домашните банки и небанкарските финансиски институции сѐ повеќе инвестираат во нови технологии, дигитални платформи и автоматизација на процесите, при што дигиталната трансформација веќе се препознава како стратегиски приоритет за натамошен развој и зголемување на ефикасноста на финансискиот сектор.

Можете да прочитате

Мицкоски: Ребалансот на Буџетот оваа недела треба да помине на владина седница

Нова инвестиција во ТИРЗ Тетово вредна 20 милиони евра, ќе отвори околу 500 работни места

МФ: Исплатени над 2 милијарди денари субвенции за тутун на 15.144 тутунопроизводители