Утрински Весник
Економија

Конференција на Народната банка: Стабилноста, иновацијата и отпорноста како столбови на економијата

Konferenczija na narodna banka scaled.jpg

„Во време на светски предизвици, одржливите и иновативни институции се најсигурното „сидро” за економијата.” Ова беше главната порака што беше испратена на Конференцијата на Народната банка, во соработка со Европскиот форум за европски пари и финансии (SUERF  – The European Money and Finance Forum), на тема „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост”. На настанот учествуваа гувернери, економски експерти и министри од регионот и од Европа коишто ги разменија своите искуства и ги разгледаа стратегиите за справување со сложените светски предизвици.

Учесниците истакнаа дека малите и отворени економии, како нашата, се особено изложени на надворешните шокови, коишто доаѓаат од растот на цените на енергентите, нарушувањата во синџирите на снабдување и од геополитичките тензии. Овие промени не само што го зголемуваат ризикот од инфлација, туку го тестираат и капацитетот на институциите за навремено и соодветно реагирање. Во такви услови, внимателното воспоставување рамнотежа меѓу монетарните и макропрудентните мерки е клучот за зачувување на стабилноста и на довербата кај граѓаните.


Во исто време, финансискиот сектор доживува брза дигитална трансформација. Развојот на дигиталните валути, инстант плаќањата, анализата на големите податоци и примената на вештачката интелигенција отвора нови можности за ефикасност и сеопфатност, но истовремено носи и нови ризици, од кибернетски закани, до нарушување на приватноста и на довербата. На Конференцијата се потврди дека дигитализацијата треба да се развива рамномерно, со јасни правила и контроли, за да се заштитат стабилноста на системот и интересите на граѓаните.

Особено внимание се обрна на градењето на финансиската отпорност. Со постојано следење на кредитниот раст, долговите на домаќинствата, ризиците од недвижностите и на системските финансиски показатели и со воспоставувањето соодветни макропрудентни и фискални политики, се зајакнува способноста на системот за ублажување на надворешните шокови и за зачувување на стабилноста на економијата. Беше истакнато дека учеството на институциите во координацијата на монетарната и фискалната политика беше е најважно за одржувањето на стабилноста и за долгорочна заштита на економијата.

Покрај ова, на Конференцијата беше истакнато и значењето на јавната доверба и на транспарентната комуникација. Јавноста очекува од институциите да делуваат предвидливо, професионално и со кредибилитет, а добрата комуникација е основа за стабилизирање на очекувањата на граѓаните и за одржување на довербата, дури и во услови на криза.

На Конференцијата се потврди дека стабилните и иновативни институции, со помош на внимателно одбрани политики и преку транспарентна комуникација, можат најдобро да обезбедат финансиска стабилност и отпорност на економијата во време на светски предизвици.

Можете да прочитате

Оваа недела ќе се одржи 57. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка

Цените на храната растат, платите не мрдаат, велат од СДСМ

Пекевски: 3 евра разлика за исто кафе – Македонија поскапа од ЕУ