Утрински Весник
Македонија

Муцунски: Иднината им припаѓа на државите што инвестираат во поврзаност, отпорност и партнерства

1 14.jpeg

Во рамките на Форумот на идни глобални лидери организиран од Светскиот економски форум во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на сесијата „Trade in a Changing World”.

Во своето обраќање, Муцунски се осврна на промените во глобалниот трговски систем, растечката геоекономска конкуренција и потребата постојната институционална архитектура на меѓународната трговија, создадена во 20 век, да се приспособи на реалностите на 21 век.


„Кога постојат оние што го доведуваат во прашање сегашниот модел, а ние сме загрижени поради тоа, мора да погледнеме и кон самите себе и да се запрашаме што можеме да направиме за да го модернизираме системот во наша заедничка корист”, истакна Муцунски.

Посебен акцент стави на односот меѓу отвореноста, безбедноста и отпорноста, нагласувајќи дека иднината на глобалната трговија не треба да се поставува како избор меѓу отвореност и безбедност.

„Мора да ја направиме отвореноста побезбедна. Отпорноста во никој случај не значи изолација”, порача Муцунски.

Во тој контекст, подвлече дека најуспешни ќе бидат државите што инвестираат во поврзаност, отпорност и партнерства.

„Нашето цврсто уверување е дека државите што ќе успеат во следните пет, десет, петнаесет или дваесет години нема да бидат оние што ќе изградат најголеми ѕидови, туку оние што ќе изградат најотпорни мостови”, нагласи министерот.

Осврнувајќи се на позицијата на помалите економии во глобалната конкуренција, Муцунски истакна дека нивната сила не произлегува од големината, туку од способноста да бидат сигурни и предвидливи партнери.

„Големите економии се натпреваруваат преку обем. Малите економии се натпреваруваат преку доверливост”, истакна тој.

Муцунски се осврна и на економскиот суверенитет, нагласувајќи дека тој е тесно поврзан со инфраструктурната и енергетската поврзаност.

„За нас, економскиот суверенитет е длабоко поврзан со поврзаноста. Ако не сте добро поврзани, не можете истовремено да бидете и суверени”, посочи министерот.

Во таа насока, тој ги издвои инвестициите во Коридорите VIII и X, патната и железничката инфраструктура и енергетската диверзификација, додавајќи дека енергетската независност е неопходен предуслов за економски развој и инвестиции во индустриите на иднината.

Осврнувајќи се на економската меѓузависност и глобалните конфликти, тој истакна дека нивните последици одамна не се ограничени само на државите директно вклучени во нив.

„Првата жртва на секој конфликт е човечкиот живот. Втората жртва е економскиот просперитет – не само на државите вклучени во конфликтот, туку и пошироко, затоа што нашите синџири на снабдување и трговски рути се силно меѓусебно поврзани”, истакна Муцунски.

Тој нагласи дека во услови на глобални промени, одговорот не треба да биде изолација, туку поголема поврзаност, модернизација на меѓународниот систем, инвестиции во отпорност и поефикасна мултилатерална соработка.

Можете да прочитате

ЛДП: Мегаскандалот Михаилова е доказ за ерозија на институциите и го дозакопува нашето европско досие

Не дарувал ни капка крв, а добил шест дена платено отсуство – полицаец заработи кривична пријава

Возел со 185 км/ч таму каде што дозволената брзина е 100 – Црногорец уапсен на Табановце