Утрински Весник
Балкан

ХОРОР ВО СОЛУН: Пијан возач влета со автомобил во преполна таверна

Img 5713.jpeg

Вистинска драма се одвивала во раните утрински часови во солунската населба Евосмос, кога автомобил управуван од 45-годишен странски државјанин влетал во просторот пред таверна полна со гости, при што три лица биле повредени.

Несреќата се случила околу еден часот по полноќ, на улицата Агамемнонос, додека гостите седеле на масите пред угостителскиот објект и вечерале.


Возилото одеднаш навлегло во просторот со маси, удирајќи во инвентарот и во неколкумина гости. Драматичниот момент бил снимен на видео, на кое се гледа како автомобилот удира во масите и предизвикува паника меѓу присутните.

Според сведоштвата, вистинска трагедија била избегната благодарение на големите жардиниери поставени пред таверната, кои го запреле возилото и спречиле тоа да навлезе уште подлабоко во просторот каде што седеле гостите.

„Да не беа жардиниерите, ќе имавме погреби. Видов ужас и паника, беше како да гледаме филм“, изјавила сопственичката на таверната, која само неколку минути пред несреќата го напуштила објектот.

Една од гостинките раскажала дека во таверната била со својот сопруг, кој по ударот завршил во болница. Според нејзиното сведоштво, возачот се обидел да го напушти местото на несреќата, но присутните го спречиле во намерата, држејќи столчиња пред него додека не пристигнала полицијата.

Друга повредена жена, која се здобила со повреди на главата и ребрата, раскажала дека сцените биле застрашувачки и дека се чувствува среќна што останала жива.

Полицијата го тестирала 45-годишниот возач за присуство на алкохол, при што било утврдено дека управувал под дејство на алкохол. Тој веднаш бил уапсен и се очекува да биде изведен пред надлежните судски органи.

Надлежните служби продолжуваат со истрагата за утврдување на сите околности под кои се случила несреќата.

Можете да прочитате

На едрилица кај грчкиот остров Хиос откриени и запленети 360,7 килограми канабис – уапсени двајца Украинци

Турција забрани употреба на социјални мрежи за деца помлади од 15 години

(Фото) Обложувланица во Србија објави понуда за изборите: Вучиќ убедлив фаворит