
Уредските работници се соочуваат со сериозни проблеми поради блокираниот интернет, тинејџерите постојано менуваат ВПН-ови, а таксистите тешко се снаоѓаат низ Москва без интернет-навигација. Ваквата состојба е резултат на засилените мерки на Кремљ, кој сè поагресивно ја демонстрира својата контрола врз дигиталниот простор, пишува Ројтерс во анализа за актуелната состојба во Русија.
Во текот на изминатата недела, мобилниот интернет бил целосно исклучуван секојдневно во делови од Москва, Санкт Петербург и други поголеми градови. Ова го потврдуваат дописници на Ројтерс, како и повеќе странски дипломати кои престојуваат во земјата.
Од Кремљ признаваат дека станува збор за свесни мерки. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека ограничувањата се поврзани и со одбивањето на странските компании да се усогласат со руските закони, но и со безбедносни причини, особено поради заканата од украински дронови, кои можат да користат мобилни мрежи за навигација.
Паралелно со техничките ограничувања, властите воведуваат и нови законски решенија. Тие им овозможуваат на безбедносните служби, особено на ФСБ, да наложат прекин на услуги за кој било корисник, како и да воспостават сопствен систем на истражни затвори.
Според дипломатски извори, вистинската цел на овие мерки е зајакнување на внатрешната контрола во услови на продолжена војна во Украина. Доколку конфликтот се одолговлече, може да се намали јавната поддршка, а во случај на негов крај, властите се подготвуваат за потенцијални немири и несогласувања.
Аналитичарите потсетуваат дека руското раководство ја има предвид историската лекција од 1989 година, кога завршувањето на војната во Авганистан доведе до сериозни општествени потреси и нестабилност.
Во обид да го избегне таков сценарио, Москва ги проучува моделите на контрола на интернетот во Кина и Иран, со цел да воспостави систем што ќе овозможи блокирање на големи делови од интернетот и следење на онлајн-комуникациите.
Во последниот период, под удар се и популарните апликации за комуникација. Русија го забави работењето на Telegram и покрена истрага против неговиот основач Павел Дуров, додека WhatsApp е целосно блокиран поради непочитување на локалните закони.
Од Telegram ги негираат обвинувањата за безбедносни пропусти и ја обвинуваат Москва дека се обидува да ги принуди граѓаните да користат државно поддржани апликации.
И покрај ограничувањата, дел од младите Руси најавуваат дека ќе продолжат да ги заобиколуваат блокадите преку ВПН-сервиси, не од политички причини, туку за да имаат пристап до глобалните платформи како Instagram и Snapchat.


