Утрински Весник
Македонија

Држава во која чесноста не се исплати

Trlinmiroslav.jpg

Пишува: Мирослав Трлин, димпломиран економист во пензија

Сè почесто слушаме луѓе како со горчина велат: „Да бидеш чесен во оваа држава – не се исплати.“ Тоа веќе не звучи како цинизам, туку како сурова реалност. Не го велат само младите што си заминуваат, туку и оние што остануваат и се обидуваат да опстанат достоинствено. Тоа чувство не е случајно, ниту е производ на песимизам. Тоа е сигнал – симптом дека нешто длабоко не е во ред со системот во кој живееме.


Државата не е партија, ниту власт, ниту влада. Таа е систем – сложен механизам создаден да работи во интерес на граѓаните. А секој систем што сака да опстане има неколку едноставни правила: мора да знае што му е целта, мора да ја слуша реалноста и мора да се коригира кога греши. Кога овие нешта изостануваат, не зборуваме само за лоша власт, туку за лош систем. Проблемите не се решаваат, туку се прикриваат. Бројките се прилагодуваат на наративот, а не на вистината. Одговорноста се одложува, а граѓанинот се учи да молчи. И токму тука започнува тивкото пропаѓање – без драма, но со трајни последици.

Најопасно е кога системот почнува да ги наградува погрешните вредности. Кога послушноста станува поважна од способноста. Кога партиската лојалност вреди повеќе од знаењето. Кога чесниот човек станува наивен, а снаодливиот – „успешен“. Тогаш државата почнува сама да се разградува, не затоа што луѓето се лоши, туку затоа што правилата ја водат во погрешна насока.

Системот често функционира така што создава комфор за тесен круг политички и економски интереси. Кога се менуваат актерите, интересите на новите неретко се преклопуваат со интересите на старите. „Врана врани очи не вади“ – и тоа станува неформалната механика на функционирање на државата.

Често велиме дека проблемот е во тоа што немаме доволно добри луѓе. Но тоа не е точно. Имаме луѓе со знаење, со морал, со капацитет и со љубов кон државата. Но тие живеат во систем што не ги препознава, не ги заштитува и не ги наградува. Затоа суштинското прашање не е кој е на власт, туку каков систем сме изградиле.

Во здрав систем, просечен човек не може да направи голема штета. Во лош систем, и најдобриот човек станува немоќен.

Функционалната држава не се препознава по убави зборови, туку по едноставни работи: дали правилата важат за сите, дали институциите реагираат без оглед на функцијата, дали граѓанинот може да добие правда без врски, дали бројките што ги слушаме се вистински и дали критиката се слуша или се казнува. Таму каде што постојат вистинска транспарентност, одговорност и јасни правила – таму постои држава што може постојано да се коригира и да се подобрува. Таму постои надеж.

Македонија е мала држава. Нема голема економија, нема голема политичка тежина и нема големи ресурси. Но има нешто што може да биде посилно од сè тоа – паметен, чесен и функционален систем. Малите држави не преживуваат со сила, туку со памет. Со институции што работат. Со правила што се почитуваат. Со систем што го штити граѓанинот, а не партијата.

Затоа прашањето „зошто чесноста не се исплати“ не е морално, туку системско. Одговорот не е да се откажеме од чесноста, туку да создадеме држава во која таа повторно ќе има смисла. Зашто кога чесноста ќе почне да се исплатува, тогаш ќе знаеме дека државата конечно почнала да им служи на граѓаните.

Држава во која чесноста не се исплати не е само болна држава – таа е погрешно дизајниран систем. А системите, за разлика од карактерот на луѓето, можат и мораат да се менуваат.

Можете да прочитате

Минчев: Конкретни чекори за поефикасна администрација и продлабочена соработка со Србија

Во последното деноноќие осум пријави за семејно насилство, приведени четири лица

Велосипедист пренесен во болница по удар со автомобил