Утрински Весник
Македонија

Родителите на загинатите во „Пулс“: Изманипулирани сме и од власта и од опозицијата

652267784 1593711805133723 2403411756124722512 n.jpg

Пет месеци по седницата на собраниската Комисија, одржана по претставката на Здружението „16 Март 2025“, родителите на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани сè уште бараат одговори, правда и одговорност.

На седницата, која беше проследена со силни емоции, солзи и сведоштва за болката низ која поминуваат семејствата, родителите јавно прашаа зошто, според нив, биле изманипулирани и од власта и од опозицијата.


Томче Стојанов, татко на едно од загинатите деца, во изјава за ТВ24 рече дека институциите не покажале вистинска волја за целосно расчистување на трагедијата.

„Прво отидоа на одмор… Гледаме дека сме изманипулирани. Од сè што беше кажано и ветено, ништо суштинско не излезе на виделина. На постојаната анкетна комисија ги изнесовме сите наши болки, неправди и пеколот низ кој поминуваме повеќе од една година, а сè уште нема никакви заклучоци. Не можат да се усогласат за трагедија што ја виде целиот свет. Кај нас се прави театар. Срам да им е и на власта и на опозицијата“, рече Стојанов.

Родителите повторуваат дека не бараат политички пресметки, туку правда и системски промени што ќе спречат вакви трагедии да се повторат.

„Намерното саботирање на нашата ситуација нè погодува и револтира. Нашите животи и онака се уништени, а со оваа неправда секој ден доживуваме нови уништувања“, вели Стојанов.

Семејствата велат дека Кочани повеќе не е истиот град по трагедијата од 16 март 2025 година, а пораката „Системот ни ги уби децата“ и понатаму одекнува низ улиците.

„Овој пекол создаден од парите, митото и корупцијата го живееме секој ден. Некој им пресуди на нашите деца и им го одзеде основното право на живот. А сега сите се тргаат и велат дека не сносат одговорност. Што уште треба да се случи?“, прашува Стојанов.

Во меѓувреме, собраниските комисии поврзани со трагедијата остануваат без конкретен епилог. Постојаната анкетна комисија, со која претседава лидерот на Левица, Димитар Апасиев, сè уште нема усвоено заклучоци.

Од Левица тврдат дека седниците не се закажуваат бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не обезбедува кворум, додека во застој останува и анкетната комисија која треба да расправа за пожарот во „Пулс“, модуларната болница во Тетово, како и автобуските несреќи кај Ласкарци и во Бугарија.

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Венко Филипче, во изминатиот период изнесоа различни ставови околу функционирањето на комисијата.

Иако Филипче неколкупати најавуваше дека СДСМ веднаш ќе предложи свои членови, тој изјави дека сè уште чека официјален допис од собранискиот спикер. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ смета дека новата анкетна комисија не може да започне со работа без претходно усогласување на заклучоците од комисијата предводена од Апасиев.

Засега, свои членови и заменици предложила единствено Левица.

Можете да прочитате

Унгарски медиуми: Икарус и кинески CRRC го добија тендерот за најголемата набавка на автобуси во Македонија досега

„Порше“ изгоре на обиколницата кај Радишани

Мицкоски: Македонците во Албанија се нераскинлив дел од нашето национално ткиво