
Пишува: Мирослав Трлиин, дипломиран економист во пензија
Ова не е прашање, туку констатација што отвора неопходна јавна дебата за тоа како еден длабоко личен и колективен поим се претвори во политичко оружје – не заради негово зачувување, туку заради одржување на моќта и продолжување на владеењето на тесни интереси.
Идентитетот е еден од оние поими што сите интуитивно ги чувствуваме, но ретко кога прецизно ги дефинираме. Токму таа нејасност го прави погодна алатка за политичка употреба и злоупотреба. Кај нас, идентитетот одамна не е само филозофско, социолошко или културолошко прашање, туку централна политичка монета со која се добиваат избори, се ветува иднина и се произведува страв.
Во својата суштина, идентитетот е одговор на прашањата „кој сум јас“ и „кои сме ние“. Тој е жив и сложен сплет од јазик, култура, историско паметење, вредности, обичаи, лични избори и чувство на припадност. Идентитетот не е фиксен и закован, туку се гради и се надградува низ времето. Она што е клучно е дека тој не постои затоа што некој го запишал во закон, туку затоа што луѓето го живеат.
Оттука, сосема е јасно дека идентитетот не може да биде предмет на озаконување. Ниту еден правен систем не може да создаде, укине или пропише самосвест. Законите можат да регулираат права, да гарантираат слободи или да спречат дискриминација, но не можат да наметнат чувство на припадност. Државите можат да признаат или да игнорираат идентитети, но не можат да ги произведат.
Прашањето „дали постоиме“ затоа е погрешно поставено. Нашето постоење не го потврдува ниту меѓународен договор, ниту странска влада, ниту историска комисија. Единствениот вистински потврдувач на идентитетот е колективната и индивидуалната самосвест. Фактот дека постоиме ни дава целосно право сами да се самодекларираме – и како поединци и како заедница.
Во македонскиот контекст, идентитетот најчесто се користи како замена за визија. Наместо економски развој, реформи, функционални институции и владеење на правото, на граѓаните им се нуди постојана мобилизација околу наводна егзистенцијална закана. Логиката е едноставна и опасна: ако си во постојана „одбрана“, нема време за прашања, ниту за отчет.
Оваа состојба не се одржува само поради надворешни притисоци. Таа има и свои внатрешни поддржувачи – политички и општествени актери на кои им одговара перманентна криза и долготрајна неинтегрираност. Додека јавноста е вовлечена во наратив на идентитетска „војна“, суштинските проблеми намерно остануваат под површината. Ова наликува на т.н. „ноевски метод“ – создавање постојана закана и паника, со цел вистината да се сокрие, а одговорноста да се одложува.
Но ако навистина живееме во постојана „војна“ поради наводен проблем со идентитетот, тогаш мора искрено да се запрашаме кога и како ќе ја изградиме државата. Држава не се гради во ровови, туку со стабилни институции, доверба и јасна визија за иднината. Народ што постојано живее во страв не гради – тој само преживува.
Излезот од оваа состојба бара зрелост и храброст да се прифатат компромиси. Компромисот не е капитулација, туку разумно попуштање од сите страни, без условувања и без наметнување неприфатливи решенија. Тој е алатка на силните и самоуверени општества, а не знак на слабост. Компромисот е состојба на умот, а не чин на инает.
Затоа суштинското прашање не е дали постоиме – тоа е очигледно. Прашањето е дали сме подготвени да престанеме да дозволуваме нашето постоење да биде средство за дневнополитичка манипулација. Идентитетот не се ветува и не се брани со викање – тој се живее, се потврдува со самосвест и се зајакнува со држава што функционира.
Одлуката да излеземе од оваа режирана „војна“ и да почнеме да градиме иднина која е наша, а не туѓа или наметната, е наша – и од неа зависи сè што ќе дојде утре.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

