
Романската влада ги измени прописите за коцкање со усвојување на итен декрет со кој на локалните власти им се дава овластување да ја ограничат или забранат работата на обложувалниците и казината со слот-машини, а веќе девет градови најавија целосна забрана.
Лиценцираните оператори отсега ќе мора, покрај националната дозвола, да добијат и одобрение од локалните власти за да отворат казино или обложувалница.
Според официјални лица, повеќе од 200 локални самоуправи би можеле да побараат целосна забрана, пренесува Гардијан. Во Романија дојде до брзо ширење на индустријата за коцкање, со десетици илјади автомати за игри на среќа и обложувалници низ целата земја, особено во главниот град Букурешт.
Казината досега можеа да работат без одобрение од градските власти, поради што локалните заедници беа немоќни дури и кога такви места се отвораа во близина на училишта и станбени населби.
– Отсега, локалните власти можат јасно да кажат „да“ или „не“. Ако кажат „да“, тогаш можат точно да одлучат каде таквите места можат да работат и под кои услови – изјави пратеничката Дијана Стоика од Унијата „Спасете ја Романија“, која ја предводеше законодавната кампања.
Фискалната корист со години беше едно од главните оправдувања за невоведување ограничувања, и покрај притисокот од јавноста. Пазарот на коцкање во Романија вреди повеќе милијарди евра, а минатата година таа индустрија платила речиси милијарда евра даноци.
Застапниците на построга регулатива тврдат дека економските придобивки доаѓаат со голема општествена цена.
– Ова е проблем на јавното здравје. Зависноста од коцкање има највисока стапка на самоубиства од сите зависности, а романската држава дозволи оваа индустрија да експлодира во изминатите 20 години – изјави Стоика за Гардијан.
Таа на прес-конференција во Букурешт како пример наведе станбена зграда, во близина на неколку училишта, во чие приземје се наоѓаат шест обложувалници.
Најмалку девет градови веќе најавија планови целосно да ги забранат казината.
Еден од нив е градот Слатина на југот на земјата, чиј градоначалник Марио де Мецо рече дека тие фирми се „токсични за општеството“ и оти наједноставното решение е целосно да се исфрлат од градот. На одлуката за забрана влијаеја сведоштвата за последиците од зависноста во неговата заедница.
Во еден случај, 27-годишен маж од Слатина се самоубил откако изгубил голема сума пари, а тоа, според него, „беше моментот кога одлучив дека сите казина мора да исчезнат“.
Де Мецо го отфрли аргументот дека градовите со затворање на казината би изгубиле вредни приходи.
– Ако спасувањето на макар еден живот значи одложување на асфалтирањето на три улици до следната година, тогаш вреди за тоа – изјави Де Мецо.
Романскиот парламент дебатира и за дополнителни ограничувања за коцкањето, како што се забрана за пристап во казина за помлади од 21 година, ограничување на онлајн рекламите за коцкање од 06:00 часот до полноќ, ограничување на загубите на 10 отсто од пријавениот приход и ограничување на рекламите наменети за деца.
Медиумската регулаторна агенција во Романија минатата година забрани познати личности и инфлуенсери да се појавуваат во реклами за коцкање.


