Утрински Весник
Свет

Новинар на „Дојче веле“ уапсен во Турција

Turcija.webp.webp

Новинарот на Дојче Веле, Алиџан Улуда, бил приведен во Анкара и спроведен во просториите на покраинската полиција во Истанбул, која важи за највисока полициска институција во градот.

Од медиумот информираа дека Улуда, кој со години соработувал со редакцијата во Турција, бил уапсен во станот каде што живее со семејството. Според објавата, во акцијата учествувале околу триесет полицајци, а се очекува тој во текот на денот да биде изведен пред судија.

По претресот на неговиот стан, неговата опрема е конфискувана. Обвинет е за наводно ширење дезинформации, навредување на претседателот и навредување на турскиот народ, државата и институциите. Обвиненијата, пишува ДВ, се однесуваат на објава на „Икс“ пред речиси една и пол година.

Во неа тој ги критикувал мерките на турската влада, што доведоа до ослободување потенцијални терористи на Исламската држава. Тој ја обвини владата за корупција. Како долгогодишен судски репортер, тој известува за кршење на човековите права, случаи на корупција и судења.

Генералната директорка на „Дојче веле“, Барбара Масинг, побара негово ослободување. Според неа, обвинувањата против нивниот колега се неосновани.

– Алиџан Улуда е добро познат истражувачки новинар, кој се фокусира на известување за корупција. Тој е многу добро поврзан и има пристап до важни извори. Ова го прави опасен за владата, во нивни очи. Фактот дека новинарот бил третиран како сериозен криминалец, однесен од 30 полицајци директно во Истанбул, претставува намерен чин на заплашување и покажува колку сериозно владата ја потиснува слободата на медиумите. Нашиот колега мора веднаш да биде ослободен“, предупреди Масинг.

ДВ е во контакт со неговото семејство, локалните адвокати и други надлежни органи во Турција.

Можете да прочитате

Нова трамвајска несреќа во Сараево

Трамп размислува за ограничен напад врз Иран

Српската полиција заплени 50 килограми марихуана во камион од Унгарија