Утрински Весник
Македонија

Макрадули: Додека опозицијата се занимава со себе, власта бега од одговорност

Img 8501.jpeg

Поранешниот висок функционер на СДСМ Јани Макрадули преку објава на социјалните мрежи остро ја критикуваше актуелната политичка состојба во земјава, оценувајќи дека внатрепартиските пресметки и политичките конфликти ја оттурнуваат власта од одговорноста кон граѓаните и реалните проблеми во општеството.

Според него, кога опозицијата е фокусирана на сопствени внатрешни прашања, власта влегува во „комфор зона“, избегнувајќи да се соочи со предизвиците со кои се соочува државата. Макрадули посочува дека последиците од таквата состојба најмногу ги чувствуваат граѓаните, кои се соочуваат со неизвесност, раст на цените, замрзнати плати, проблеми во транспортниот сектор, незадоволство кај земјоделците и притисоци врз различни општествени категории.

Тој оценува дека наместо решавање на секојдневните проблеми, власта и коалиционите партнери се впуштиле во меѓусебни пресметки за политичка моќ, што, како што наведува, дополнително ги нагризува институциите и ја загрозува иднината на државата. Во објавата се споменуваат и меѓусебни обвинувања околу тендери, користење на владиниот авион и јавни критики меѓу носители на функции во извршната власт.

Макрадули смета дека евентуална реконструкција на Владата нема да донесе суштински промени, бидејќи, како што наведува, недостасуваат јасна визија и план за управување со државата. Според него, бројките и јавните настапи не се доволни доколку зад нив нема конкретна стратегија и анализа, наведувајќи го примерот со туризмот и економските политики.

Тој додава дека за секој системски проблем е потребен посебен и јасно дефиниран план, а не, како што наведува, носење одлуки без долгорочна стратегија или нови задолжувања како решение за економските предизвици.

Во објавата Макрадули заклучува дека државата има потреба од политики водени од национални интереси и реални приоритети, наместо од дневнополитички пресметки и надворешни влијанија.

Можете да прочитате

Укината забраната за сообраќај на камиони на патниот правец Гостивар-Стража

Девет нови амбасадори – Муртезани нов амбасадор во НАТО, Мангова оди во Лондон, Салиеска Иљазоска во Хаг

Загина лице во сообраќајка во Скопје