
Метео анализа на Славчо Попоски:
На ден недела 15 февруари 2026 поради влијанието на длабокиот циклонски систем со центар над Џеновскиот залив целата територија на Македонија ќе биде во жолта предупредувачка фаза поради очекуваните обилни и поројни врнежи од дожд, локални грмежи, и силен јужен и југоисточен ветер кој повремено и локално ќе достигнува брзина од над 60 км/час. На планините над 1400/1500 метри надморска височина во западните и во северозападните предели од Македонија врнежите ќе бидат од дожд и од снег или од влажен снег.

Локално ќе наврне значително количество на воден талог и тоа над 30 литри на метар квадратен воден талог за 24 часа. Локално овие атмосферски процеси ќе бидат застапени и во форма на невреме.
Поради очекуваните нови обилни дождови во Македонија постои ризик од ново излевање на реките особено во западна и во северозападна Македонија каде врнежите ќе бидат најобилни па така со ова постои ризик од нови локални поплави. Апелирам особено внимателни да бидат возачите и да не се движат покрај водотеците.

