Утрински Весник
Скопје

Влае добива сала според европски стандарди

Image 2026 02 12 125436287.png

Започнува градбата на нова повеќенаменска спортска училишна сала во рамки на ООУ „Димо Хаџи Димов “ во населбата Влае. Проектот се реализира со финансиски средства обезбедени од Владата на Република Северна Македонија, а денеска објектот го посетија градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска и премиерот Христијан Мицкоски. Овој современ објект ќе овозможи значително подобрување на условите за спорт и рекреација за учениците и локалната заедница.

Станува збор за спортска сала со вкупна површина од 1.400 квадратни метри, проектирана согласно европските нормативи (EN) и стандардите на меѓународните спортски федерации како ФИБА, ИХФ и ФИВБ. Објектот ќе биде мултифункционален простор наменет за одржување на часови по физичко образование, тренинзи на спортски клубови, спортски школи и официјални натпревари од локален и регионален карактер. Во салата ќе може да се практикуваат ракомет, мал фудбал, кошарка, одбојка, тенис, бокс, борење, пинг-понг и други спортско-рекреативни активности, а предвидена е и изградба на трибини со капацитет од 300 до 400 гледачи.

Градоначалникот Лукровски истакна дека изградбата на салата претставува важен чекор во унапредувањето на образовната и спортската инфраструктура во Карпош.

„Создаваме услови учениците да имаат современ и безбеден простор за физичка активност, а спортските клубови да добијат квалитетна инфраструктура за тренинг и натпревари“, – изјави Лукровски.

 Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека станува збор за многу значаен објект, како за учениците, така и за локална заедница.

„Со изградбата на оваа сала обезбедуваме современ и функционален простор што ќе можат да го користат не само учениците, туку и сите деца од општината и по завршувањето на наставата. Тоа е важно затоа што правилниот раст и развој на младите зависи и од условите што им ги обезбедуваме денес. Ова е инвестиција во нивната иднина, во нивното здравје и добросостојба“, – смета Јаневска.

Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека Владата останува посветена на поддршка на вакви проекти низ целата држава.

 „Инвестирањето во училишната и спортската инфраструктура значи инвестирање во здрави генерации и во подобри услови за раст и развој. Со вакви проекти испраќаме јасна порака дека создавањето квалитетна јавна инфраструктура е еден од нашите приоритети“-  изјави Мицкоски.

Изградбата на објектот започна во средината на јануари годинава, а градежните активности се очекува да завршат до мај. Изведувач на проектот е компанијата „Конструктор“, а вкупната вредност на инвестицијата изнесува 63.843.523 денари.

Со реализацијата на оваа сала, Влае добива современ спортски простор кој ќе биде во функција на учениците, спортските клубови и пошироката локална заедница, а Општина Карпош продолжува со континуирано унапредување на условите во основните училишта на својата територија.

Можете да прочитате

На скопјанка и била прегазена ногата од автобус

ДУИ: И по сто дена од новиот мандат, продолжува 20-годишното лошо управување во Чаир

Ѓорѓиевски се сретна со делегација на Националниот демократски институт – акцент на плановите за развој на Скопје како модерен, безбеден и инклузивен град