
Полицијата поднесе кривични пријави против вкупно 11 возачи кои биле затекнати како управуваат моторни возила без положен возачки испит или и покрај изречена забрана за управување, информираат од Министерството за внатрешни работи.
На 04.02.2026 година, при сообраќајни контроли на повеќе локации низ државата, полициски службеници лишиле од слобода повеќе лица кај кои било утврдено дека управувале возила спротивно на законските прописи.
На автопатот Градско–Велес, кај клучката Караслари, бил приведен Ф.Ј.(35) од Прилеп, кој управувал возило „голф“ и покрај тоа што му биле изречени три мерки за забрана за управување моторно возило од Б категорија. Во Пробиштип бил лишен од слобода К.А.(29) од село Злетово, кој исто така возел и покрај активна забрана за управување.
Во Тетово бил приведен 16-годишник од село Желино, кој управувал возило без да има стекнато право на управување, при што разговор со него бил извршен во присуство на родител, а возилото било одземено.
Во Гостивар бил лишен од слобода А.М.(18) од село Падалиште, додека во кумановското село Љубодраг биле приведени Д.Ј.(37) од Куманово и Ф.А.(29) од село Черкезе, кај кои било утврдено дека управувале возила без положен возачки испит.
Во струмичко село Банско, полицијата запрела возило „тојота“ без регистарски ознаки, управувано од Д.А.(20) од Струмица, кој немал важечка возачка дозвола, а во возилото биле пронајдени и бесправно исечени огревни дрва, по што возилото и дрвата биле одземени од Шумската полиција. Во Струмица бил санкциониран и С.В., кој исто така управувал возило без дозвола.
Во Штип бил лишен од слобода А.М.(40), а во скопско Батинци бил приведен С.А.(43), додека на локалниот пат Бутел–Мирковци бил приведен С.К.(47), кај кои било констатирано дека управувале возила без положен возачки испит.
По насоки на јавен обвинител, сите лица се лишени од слобода, возилата се одземени, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“.

