
Германските истражни органи денеска извршија претреси во канцелариите на Дојче Банк во Франкфурт и Берлин, во рамки на истрага за можна вмешаност во перење пари. Од Јавното обвинителство во Франкфурт информираа дека акцијата е насочена кон неколку, засега неименувани, менаџери и вработени во најголемата германска банка. Рацијата се случува во пресрет на објавувањето на годишните финансиски резултати на Дојче Банк за 2025 година. Истрагата ја води специјализираната единица за економски криминал при обвинителството, во координација со Сојузната криминалистичка полиција, јави германската новинска агенција ДПА. Според првичните информации, предмет на истрагата се поранешни деловни односи на банката со странски компании кои се под сомнение за перење пари. Претресите имаат за цел прибирање дополнителна документација и докази.
Од обвинителството наведуваат дека засега не можат да изнесат детали за природата и обемот на трансакциите, ниту за идентитетот на компаниите инволвирани во случајот. Од Дојче Банк ја потврдија информацијата за претресите. Во изјава за ДПА, портпарол на банката соопшти дека институцијата целосно соработува со надлежните органи во тековната истрага. Ова не е првпат Дојче Банк да се соочи со вакви обвинувања. Банката и во минатото беше критикувана поради недоволни мерки за спречување на перење пари, а нејзиното седиште беше претресувано и во април 2022 година. Во меѓувреме, германскиот финансиски регулатор назначи и специјален надзорник кој го следи напредокот на банката во оваа област.


