
Овие денови топлотниот бран ќе го достигне врвот во Македонија, со температури кои во наредните денови ќе достигнуваат и до 42 Целзиусови степени. Поради високата опасност од пожари, Владата прогласи 30-дневна кризна состојба на целата територија на државата, а здравствените власти предупредуваат дека топлотниот бран може да има сериозни последици врз здравјето на граѓаните.
Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи, екстремно високите дневни температури ќе бидат проследени и со таканаречени тропски ноќи, кога температурата нема значително да се намалува ниту во текот на ноќта. Тоа дополнително ќе го зголеми ризикот од топлотна исцрпеност и здравствени компликации.
Жештините веќе се чувствуваат и во здравствениот систем. Итната медицинска помош во Скопје бележи значително поголем број повици од вообичаено, а лекарите предупредуваат дека хронично болните, постарите лица, децата и бремените жени се најизложени на ризик.
Високите температури можат да предизвикаат нагли промени на крвниот притисок, срцеви и мозочни удари, како и топлотен удар – состојба која бара итна медицинска интервенција. Затоа се препорачува престој во разладени простории, редовна хидратација, лесна облека и избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.



